Експлозија на меѓународниот аеродром во Ријад, има повредени

Повеќе лица се повредени во денешната експлозија на меѓународниот аеродром во Ријад, според наводите на двајца очевидци и две лица запознаени со ситуацијата, а патниците се евакуирани од делови на објектот.

Повеќе лица се повредени во денешната експлозија на меѓународниот аеродром во Ријад, според наводите на двајца очевидци и две лица запознаени со ситуацијата, а патниците се евакуирани од делови на објектот.

Еден од очевидците изјавил дека видел експлозија, а потоа и повеќе повредени лица како лежат на подот внатре во аеродромот. Повеќе од десетина возила на брзата помош биле видени како брзаат кон аеродромот.

Канцеларијата за медиуми на саудиската влада и саудиската управа за цивилно воздухопловство засега не одговорија на барањата за коментар во врска со тој инцидент.

Денешниот инцидент се случува во момент на ескалација на ракетните напади на јеменските Хути, група поврзана со Иран, врз Саудиска Арабија. Аеродромот веќе двапати беше нападнат оваа недела, при што четири лица загинаа, други беа повредени, а авион беше тешко оштетен.

Интернет-страницата за следење летови Флајтрадар24 покажа дека сите летови за Ријад се пренасочени или откажани, а во еден момент над аеродромот летал само еден хеликоптер.

Управата на аеродромот ги повика патниците директно да ги контактираат своите авиокомпании и да го проверат статусот на летот пред да пристигнат на аеродромот.

Нападите на Хутите во четвртокот и претходно во текот на неделата веќе ги поттикнаа бројните авиокомпании на одложување или откажување на летовите кон саудиската престолнина, и тоа непосредно пред Ријад да биде домаќин на големи конференции за енергетика и инвестиции.

Организаторите на тие конференции денеска изјавија дека тие ќе се одржат според планираното и се обидоа да ги уверат учесниците во нивната безбедност.

Хутите порачаа дека авионите би требало да го избегнуваат саудискиот воздушен простор, прогласувајќи го за зона на воени операции откако јеменската влада, која ја поддржува Саудиска Арабија, претходно месецов почна офанзива против таа група.