
Учесниците на протестот во Тирана денеска упаднаа во Апелациониот суд и ја оштетија инфраструктурата, по што интервенираше полицијата, која употреби солзавец, ги изведе поединците од зградата и ги уапси.
На снимките може да се види дека огласната табла во дворот на судот е искршена, а во самата зграда се гледаат скршени прозорци и расфрлани предмети.
Албански „Euronews“ пренесува дека во моментот на упадот на демонстрантите, во зградата на судот се одржувале судски рочишта.
Од судот, демонстрантите се упатија кон Министерството за надворешни работи, каде што дојде до нов судир со полицијата.
Во меѓувреме, албанскиот премиер Еди Рама пред неколку часа одржа прес-конференција заедно со министерот за внатрешни работи Ервин Дема, на која го осуди насилството на демонстрантите врз полициските сили.
Премиерот на Албанија најави дека, почнувајќи од 1 јануари, платите на полициските службеници значително ќе се зголемат, како и дека секој полицаец ангажиран на првата линија ќе добие финансиска помош од 2.500 евра.