
Во планинско село кај Ретимно на Крит наврнал 361 литар дожд на квадратен метар
Од вчера заклучно до денеска до 14 часот во планинското село Аногија во близина на градот Ретимно во северниот дел на Крит биле измерени 361 милиметар дожд, односно 361 литар вода на квадратен метар, според податоците на метеоролошката служба Метео на грчката Национална опсерваторија, јави дописничката на МИА од Атина.
Од вчера заклучно до денеска до 14 часот во планинското село Аногија во близина на градот Ретимно во северниот дел на Крит биле измерени 361 милиметар дожд, односно 361 литар вода на квадратен метар, според податоците на метеоролошката служба Метео на грчката Национална опсерваторија, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Метео соопштија дека големи количества врнежи се регистрирани во планинските и северните делови на островот, од 130 милиметри во близина на градот Ираклио до 361 милиметар кај Ретимно.
-Според мрежата на автоматски метеоролошки станици на Националната опсерваторија во Атина / Метео количеството дожд во Аногија, Ретимно, достигна 361 милиметар (361,4 милиметри од средата, 30 септември до пладне во четврток, 1 октомври), соопштија од Метео и посочија дека еден милиметар дожд одговара на еден литар вода на површина од еден квадратен метар.
Во невремето на Крит животот го загуби 80-годишен сточар, кој од синоќа се водеше за исчезнат, а претпладнево беше пронајден мртов во село јужно од градот Ретимно, додека пак две лица беа полесно повредени откако поради лизгање на земјиштето предизвикано од обилните врнежи, мал мост целосно попуштил во моментот кога минувале со автомобилот.
Голем број пожарникари од утрово се на терен, пред сè за укажување помош, испумпување вода, отстранување дрвја и евакуација на лица на безбедни места.
Оперативниот центар на Противпожарната служба досега примил 255 повици за помош во регионалните единици Ретимно, Ираклио и Ласити, а биле спроведени вкупно 17 евакуации на лица, кои биле пренесени на безбедни локации.
Невремето создаде низа проблеми: поплавени улици и куќи, излевање на река, штети на патната мрежа, додека пак жителите на неколку населени места рано утрово добија пораки од бројот за итни случаи 112 за ограничување на движењата.
Островот Крит, со одлука на Генералниот секретаријат за цивилна заштита од синоќа до недела е ставен во состојба на мобилизација „Црвен код“„Red Code“, поради најавите за невреме и високата опасност од поплави.