ВЛЕН: ОВК се бореше за слобода, пресудата е неправедна

Владејачката ВЛЕН ја оцени како неправедна и неприфатлива пресудата на Специјализираниот совет на Косово во Хаг против четворицата ексводачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК). Според ВЛЕН, казните што денеска им беа изречени на Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели, и Реџеп Селими – се високи и неприфатливи.

Владејачката ВЛЕН ја оцени како неправедна и неприфатлива пресудата на Специјализираниот совет на Косово во Хаг против четворицата ексводачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК). Според ВЛЕН, казните што денеска им беа изречени на Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели, и Реџеп Селими – се високи и неприфатливи.

„По долг и оспоруван процес, четворицата истакнати личности на ослободителната војна и натаму се далеку од своите семејства и од Косово. Со длабоко жалење и огорченост ја примивме веста за пресудата“, велат од Влен.

Според партијата, денешната пресуда не ја довела во прашање легитимноста на Ослободителната војска на Косово, оценувајќи дека војната на ОВК била праведна борба за слобода во услови на репресија и злосторства на режимот на Слободан Милошевиќ. Оваа историска вистина, велат од ВЛЕН, не може да ја промени ниту една пресуда.

„Денешната одлука е првостепена и не го затвора ова прашање. Правната битка продолжува. Очекуваме во жалбената постапка сериозно да се разгледаат аргументите на одбраната и да се исправи оваа неправда. ОВК се бореше за слобода. Таа вистина не се препишува“, велат од Влен, поддржувајќи ги семејствата на екскомандантите на ОВК, нивните соборци и народот во Косово.

Претходно денеска и лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети, ја квалификува како неправедна и длабоко разочарувачка пресудата против поранешните водачи на ОВК. Повика на воздржаност и единство во овие, како што ги нарече, тешки моменти и порача дека со верба во правдата, битката ќе продолжи со жалбената постапка.

И косовскиот премиер Албин Курти, реагираше со исти зборови за пресудата, што зборува дека вордингот меѓусебно бил усогласен меѓу ВЛЕН и Приштина. Тој оцени дека пресудата е „неприфатлива неправда“ и порача дека таа мора да биде променета во жалбената постапка.ж
Курти, во видеообраќање објавено на Инстаграм, рече дека станува збор за „голема и штетна казна“ и изрази несогласување со прогласувањето на четворицата за виновни.

„Пресудата можеби формално е изречена во име на народот на Косово, но оваа празна формула не треба да се меша со волјата на народот. Оваа пресуда дефинитивно мора да биде променета и исправена во жалбената постапка, и тоа што е можно побрзо“, рече Курти.

Тој додаде дека во, како што ги опиша, тешки моменти е со семејствата на поранешните лидери на ОВК и со сите нивни соборци.

Хашим Тачи и Јакуп Красниќи се осудени на по 25 години затвор, Кадри Весели на 18 години, додека Реџеп Селими е осуден на 13 години затвор.

Во изјава за Радио Слободна Европа, портпаролот на ЕУ, Гијом Мерсие, изјави дека на Специјализираните комори и на Специјализираното обвинителство треба да им се дозволи да го извршуваат својот мандат без мешање.

„Правдата треба да си го продолжи својот тек – што е особено важно за жртвите. Властите имаат одговорност да ја гарантираат безбедноста на сите заедници и жители низ целото Косово“, рече Мерсие.
ЕУ објави дека „ја зема предвид“ првостепената пресуда и оцени дека Специјализираните комори спроведуваат правда преку „фер, непристрасни и независни“ постапки, врз основа на принципот на индивидуална кривична одговорност.

Мерсиер потсети дека осудените лица имаат право да поднесат жалба на пресудата пред посебен совет на судии на Апелациониот суд.
ЕУ, исто така, ја потврди својата поддршка за Специјализираните комори, потсетувајќи дека тие се основани со одлуките на Собранието на Косово во 2014 и 2015 година и дека функционираат во рамките на правниот систем на Косово.

Според ЕУ, нивната работа е важна за кривичната одговорност и правдата за жртвите и нивните семејства од сите заедници во Косово, како и за помирувањето.

„Од суштинско значење е да се промовира средина без страв и одмазда и да се заштитат жртвите и сведоците“, изјави Мерсиер за РСЕ