
Во новото издание на Трилинг разговараме со Марко Трошановски од Институтот за демократија, Џелал Незири аналитичар, актерката Слаѓана Вујошевиќ и Андреја Стојковски, директор на Преспа институт.

„Во суштина она што ни е нас како структурна реформа е истрасирано со реформската агенда, и тука покрај иницијалното доцнење, во првиот квартал гледаме дека имаше забрзување, тоа беше потврдено од ЕУ, и во тој дел владата е на прав пат. Што се однесува дали се работи за козметички решенија, треба допрва да видиме дали тие министерства што добија нови министри, ќе продолжат со исто темпо, или ќе каскаат во својот перформанс зависи од кандидатите коишто беа номинирани за министри. Но рано е да се зборува за козметички решенија. Кај нас на некој начин тоа е традиционална политичка мантра после секоја реконструкција. Одма по дифолт соопштението како да е спремно од опозицијата. Меѓутоа треба бидеме коректни и да кажеме дека е добро секоја влада да има освежување на одредени ресори, кај што имало замор или каде што потфрлило министерството“, изјави во „Трилинг“, Марко Трошановски од Институтот за демократија, околу тоа дали од новата влада може да се очекуваат структурни реформи или само се работи за козметички решенија.
Околу најавите на Мицкоски дека нема повеќе да се кандидира за лидер, ниту пак за претседател на државата, Трошановски смета дека делумно тоа е позната политичка стратегија или техника на држење на гласачкото тело во постојана будност, неизвесност.
„На некој начин тоа го задржува вниманието на гласачите на политичкиот живот и политичката сцена, како и на оној што ги дава тие изјави, со што на нему му се дава одредена политичка релевантност, важност, публицитет, постојана актуелност. Тоа е една причина. Втората причина е опипување на електоратот и на неговото расположение, во смисла на најавување па одјавување на вонредни политички избори. Тука би рекол дека ако најавувате со време избори, тоа би значело можност за консолидација на опозицијата или на другите политички конкуренти, да се подготват за истите. Мислам дека никој, воопшто во политичката пракса, не прави најави прерано на политички избори. Така што повеќе би рекол дека е опипување на пулсот кај гласачите и нивно држење во постојана будност, или политичка мобилизација на електоратот за да не се застрани во летаргија, во намалена излезност, или во опозиционо расположение“, вели Трошановски.
Говорејќи за постојаната конфронтација во собранието, помеѓу власта и опозицијата, како и тоа дека законодавниот дом е преплавен со амандмани од опозицијата во однос на изборниот законик и дали токму изборниот законик може да предизвика своевидна политичка криза, Трошановски вели дека ова ја открива една димензија на нашиот политички живот која што сите добро ја знаеме, а тоа е дека многу малку работи се градат со консензус.
„Очигледно дека тоа што првично и начелно било договарано е поразлично од она што како крајно решение излегло пред пратениците. Во таа смисла револтот на Левица или на СДСМ резултира со расположливи механизми меѓу кои и стандардната шема на затрупување на законодавниот процес со амандмани. Мислам дека насоката во која треба да се оди е да не се користат итроштини, или во краен момент заобиколување на договорените обврски, туку реално да градиме консензуално политики, особено кога станува збор за изборниот законик којшто е еден од клучните закони кај нас.
-Од измените што ги видов мислам дека главната тема на изборниот модел не е допрена, што е клучно за освежување на политичката понуда. Делот на отворените листи воопшто не е земен предвид. Барем на локално ниво, 1% од пратениците да се гласаат преку отворени листи, нешто што ќе овозможи да диши нашата политичка сцена преку понуда на поквалитетни, не нужно само лојални, туку и компетентни кадри од страна на политичките партии. Заобиколувајќи вакви важно прашања или отстапувајќи од договореното, секогаш исходот е вакви блокади што ги прави сега опозицијата. Не верувам дека тоа ќе резултира со политичка криза, мислам дека во најмала рака ќе го одложи носењето на изборниот законик, како што и најави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, за некој следен период доколку не се дојде до некое решение, и можно е да не се изгласа тој законик и на следните избори, ако се тие вонредни, да одиме со старото законско решение, коешто вака скроено е поволно за доминатните партии, и тие немаат што да изгубат, и со ваков изборен законик којшто им дава многу пари, им обезбедува да продолжат да владеат, менувајќи се едни со други“, вели Трошановски.
Околу Лимакс групацијата, или дел од поранешното раководство на СДСМ, односно оние кои се собраа со намера да создадат реформи, или можеби нова групација за освежување на политичката сцена и оцената на актуелното раководство кое ова го окарактеризира како квислинзи, Трошановски е на став дека фракционерството во СДСМ направило длабоки тектонски промени.
„Неколку групации и сега во партијата, и оние што поранешни функционери кои се исклучени, како и ЗНАМ, продолжува да предизвикува поделби во самата партија. Тоа не е поволно за СДСМ како опозициона партија, и разбирам делумно, што од политичко-тактички причини, веднаш некои инцијативи ги доживува како своја закана и ги става веднаш на критика, без многу што да се знае за намерата на тие иницијативи. За волја на вистината и ние сите многу малку знаеме, бидејќи многу малку излезе во медиумите од тоа што е разговарано.
-Од тоа што можев да го видам е дека таму има луѓе со интегритет, со компетенции коишто разговараа на одредени теми, според нив важни за земјата. Јас би охрабрил секаков тип на политички дискусии коишто може да му додадат на нашиот политички јавен простор, на нашата политичка дебата, нова вредност, нови идеи, за тоа како, а не само каде треба да се движи земјата, бидејќи на некој начин актуелните партии, односно политичката комуникација е сведена на дневни соопштенија, лични препирки помеѓу партиите и , и не нуди некоја свежа нова перспектива, конкурентна перспектива од оваа што ја има владата, за тоа каде треба да се движи Македонија“, вели Трошановски.

„Мислам дека се зголемува моќта на ВМРО-ДПМНЕ ако се гледа кои министерства ќе ги контролира во наредниот период. Моќта во однос на буџетите што тие министерства ги имаат и врз основа на тоа мислам дека таа моќ на ВМРО-ДПМНЕ да менаџира со поголемиот дел од буџетот во државата е порасната со последната реконструкција. Тука предвид го имам и министерството за здравство кое беше значајно министерство кое го имаа ВЛЕН, но при последната реконструкција изгледа тој ресор го „трампаа“ за култура, кој исто така е значаен ресор но далеку со помал буџет од здравството.
-Затоа мислам дека од оваа реконструкција моќта се концентрира кај ВМРО-ДПМНЕ, иако бројот на министерства што сега ВЛЕН ќе ги контролира се шест, но тоа не значи дека нивната моќ е порасната. Напротив ако се гледаат бројките, ако се гледаат ресурсите што ги менаџираат овие министерства, мислам дека нивната моќ е редуцирана при последната реконструкција. Но мислам дека целата оваа реконструкција не е направена за да се отстранат дефектите во функционирањето владиниот кабинет. Реконструкција претежно се прави ако се детектираат дефекти во самиот систем, во самата влада и за да се отстранат се прави ресет на истата влада. Но тука немаме ние ресет. Тука фактички ние имаме репозиционирање на политичките партии во пресрет на евентуалните парламентарни избори, кои би можело да бидат предвремени, и да се случуваат во пролетта 2027-ма година.
-Еве земете на пример ВЛЕН, којшто од шесте министерства кои ги контролира и менаџира, четири од кадрите се од Тетово. Значи ВЛЕН знае дека во Тетово е главната битка на политичките партии на етничките Албанци. Симболиката на Тетово е многу силна во однос на тоа кој е легитимен претставник на Албанците, и затоа мислам дека таа партија се фокусира сега на Тетово“, изјави во Трилинг аналитичарот Џелал Незири, околу тоа дали со промените во владиниот кабинет, на коалициските партнери владината моќ се зголемува или се намалува.
Околу владиното проветрување и ставот на ДУИ дека ВЛЕН е владина марионета во кабинетот на Мицкоски, а друга страна СДСМ оваа владина реконструкција ја оценува само како козметичко решение и дека ништо ново нема да видиме на политичката сцена, и за тоа кои се ефектите од овие промени на „Илинденска“ бр.2, од аспект на владеење на правото, борбата против корупцијата, евроинтегративниот пат, подобрување на економско-социјалната состојба на државата, Незири смета дека е иронични што министрите кои не покажаа резултати во овој двегодишен период, како да беа наградени.
Околу најавата на Мицкоски дека нема намера да се кандидира за лидер на партијата по завршувањето на партискиот мандат и најавата дека не размислува да се кандидира за иден шеф на државата, а во исто време лидерот на ДУИ, Ахмети, вели дека е време за негово политичко пензионирање, како и дали нивните идни наследници, на двете партии, и на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, ќе бидат оние кои ќе треба и ќе ги градат новите мостови помеѓу двете партии, Незири вели дека во политиката, политичарите никогаш не треба да велат никогаш.
„Кога велат дека ќе се повлечат, знаеме дека ретко политичарите се повлекуваат без да се случи да имаат силна причина за повлекување. Политичарите, не само кај нас, туку и во регионот, влегуваат како големи демократи, но со тек на времето стануваат автократи кои потоа мислат дека ќе треба да бидат доживотно лидери на политичките партии. Во која политичка партија кај нас имало смени без договарање, или без внатрешни револуции. Договарање во смисла да си остави човек кој е доверба, па тој од сенка да ја контролира партијата. Кај нас така се прават тие повлекувања.
-Но јас не мислам дека Мицкоски ќе се повлече. Мислам дека тој би можел да биде идниот шеф на државата, иако вели дека нема таква намера. Но ние знаеме дека кога треба да се повлече од јавно дадениот збор, тогаш во самата партија се инсинираат ситуации, каде што органите на партијата не дозволуваат, или лидерот не сака да се кандидира па партијата го кандидира. Значи има такви театрални стратегии коишто ги спроведуваат политичките партии со цел да ги штитат лидерите од јавно дадениот збор. Јас не мислам дека Ахмети ќе се повлече од ДУИ, ниту пак мислам дека Мицкоски ќе се повлече од ВМРО-ДПМНЕ, без да има нова политичка улога во државата. Затоа ги земам со резерви. Но еве под претпоставка дека овие нивни најави ќе бидат реалност, мислам дека има нова генерација на политичари кои се порационални, повеќе прагматични и имаат европски пристап во правење политика.

„Мене отсекогаш ми било предизвик да создавам ликови за различни медиуми. Мислам дека тоа е убавината на нашата професија, да се предизвикуваме себе си да правиме различни работи. Пред се како актер имаме прилика да играме различни ликови, меѓутоа тие ликови поинаку се прилагодуваат на различни медиуми. Така што можноста да создавам и во театар и пред камерите и пред микрофоните за позајмување на глас во анимација, е нешто коешто сум многу благодарна што ми се случува, и се надевам дека уште долго ќе ми се случува. Од друга страна да се испитува оваа професија од другата страна како предавач е уште еден голем благодет, преку којшто истовремено многу учам. Иако улогата е да предаваш знаење, сметам дека многу се учи, бидејќи таква е професијата. Тие часови не се класични часови на коишто професорот застанува и само зборува, напротив тоа е континуиран процес на заедничко растење, во коешто јас многу растам како предавач“, изјави во Трилинг, актерката Слаѓана Вујошевиќ.
Говорејќи како е да се влезе во туѓите приказни, Вујошевиќ вели дека тоа е многу возбудливо.
„Кога започнував како млад актер сметав дека јас сум во центарот на се, јас сакав да настапувам, да се покажам себеси, сакав луѓето да ме наградуваат со аплауз, и тоа ми беше клучно како млад актер. Но како што изминуваа годините ја сфатив одговорноста што стои зад оваа професија. Ние сме гласниците на туѓите приказни. Јас повеќе не сум изворот од кој течат приказните, туку јас сум каналот низ којшто се раскажуваат туѓите приказни. Ако претходно се хранев од сопствената тага, од сопствената фрустрација , од сопствената болка, па и среќа и љубов, сега се повеќе сакам да верувам дека сум подготвена да го исчистам своето тело од моите емоции, за да бидам еден канал низ кој ќе поминат туѓите приказни.
-Ние сме сведоци на една глобална тага, која што за жал е непресушен извор. Сведоци сме на приказни коишто мораат да се раскажат, мораат да се слушнат, и сакам да верувам дека како актер тоа е мојата задача. Тагата извира од се што се случува околу нас. Таа е една универзална тага којашто е резултат на сите овие војни кои се случуваат околу нас. Ние мораме да бидеме гласници на денешново време. Ние не смееме да бидеме откинати од тоа што се случува околу нас. Јас морам да ги тргнам настрана своите состојби, за да можам да ги раскажам туѓите приказни“, вели Вујошевиќ.
Осврнувајќи се околу тоа колку денес сме подготвени да одиме толку длабоко за да стигнеме до целта, Вујошевиќ вели дека сигурно такви луѓе има.
„Јас би сакала да верувам дека не сум таква, и секојдневно се трудам со своите постапки да не сум таква. Едноставно сметам дека и самата наша професија не учи да бидеме големи емпати, а кога си епмат едноставно тоа е невозможно“, изјави Вујошевиќ.
Таа и додава дека со секој нов лик расте, созрева, осознава нешто ново.
„Некако верувам дека нема никакви случајност тука. Некако сите улоги што ми се случуваат токму во вистинскиот момент, во моментот кога треба да научам нешто и за себе и приватно, буквално некоја животна лекција. Со Констанца беше така, бидејќи станува збор за лик којшто безусловно го сака својот партнер и прави се за тој да успее. Во мојот приватен живот од друга страна, бидејќи мојата професија е јавна, тука бил секогаш мојот партнер за мене, и безусловно ми се давал за јас да успеам во својата кариера. Оваа улога некако ме потсети дека тоа мора да биде двонасочно. Од друга страна оваа нова улога којашто се создаде во „Интервју“ ме соочи со некои свои лични стравови за тоа колку е професијата важна и дали е толку важна за да се стави пред најблиските. Така што секој проект како да ми се случува во вистинското време, кога сум подготвена да ги научам животните лекции“, вели Вујошевиќ.
-Во реалниот живот луѓето многу глумат. Сите сакаат да бидат глумци“, смета Слаѓана Вујошевиќ.

„Ако сакаме да замислувам можеби подобра иднина, тогаш треба да речеме дека постои можност за некакво поместување, па ова сега е пеглање на ставови или разгледување на следни чекори. Ако бидеме реални, или оптимисти со искуство, тогаш треба да размислуваме дека ова е само повторување на истите пораки, посета која можеби ќе значи можеби ублажување на чувствата на оние коишто се чувствуваат предадени од моментот дека Молдавија и Украина започнаа преговори за пристапување во членство. Јас лично не би одел во оптимизмот дека нешто ќе се промени“, изјави во Трилинг, Андреја Стојковски, директор на Преспа институт, околу најавената посета во релативно краток временски период на Високата европска претставничка Марта Кос на официјално Скопје.
-Колку сме ние успешни во имплементацијата на Реформската агенда, можеме да утврдиме едноставно. На скорбордот на ЕК можеме да погледнеме колку мерки имаме предвидено, колку мерки смета Комисијата дека сме ги исполниле, колку средства сме повлекле. Дури и кај средствата што сме ги повлекле можеме да направиме разлика помеѓу заеми, заеми од инвестицискиот инструмент за Западен Балкан, или пак заеми од други финансиски институции коишто доаѓаат. И можеме да направиме лесна споредба со Албанија и Црна Гора, бидејќи тоа се две држави коишто се наоѓаат исто така во некое понапредно ниво на тој процес. Средствата се одредени според принципот на територија, колку е поголема државата толку поголеми средства и во таа смисла за нас има одредено повеќе средства наспроти Црна Гора и тука е реално да се види дека би имале можеби поголем успех во однос на добиени средства. Или пак според населението. Ние сме поголеми од Црна Гора, помали од Албанија. Но и тој момент ако го гледаме, а знаеме дека Црна Гора треба да почне да го пишува договорот за пристапување, веќе ни е јасно дека они се далеку понапред од целиот процес. Реформската агенда е предвидено да завршува на крајот на 2027-ма година. 2028 година е предвидена како година во којашто Црна Гора би требало да биде членка на ЕУ.
-Во оној момент кога Црна Гора ќе стане членка на Унијата ќе има можност да користи други средства, така што ние не можеме да зборуваме за средства коишто би можеле да ги добиеме, да ги искористиме, и на тој начин да си го помогнеме процесот. Некои имаат пресметано дека имаме усогласеност од 42% со европското законодавство. Тоа е добар процент за почеток на преговори, затоа што можете да кажете дека имате изминато добар дел од патот, и можете да продолжите понатаму. Меѓутоа, нашиот билатерален скрининг се случуваше во периодот 2022-2023 година. Извештаите од билатералниот скрининг се објавени во тој период. Од тогаш до денес ние можеби работиме на хармонизација со европското законодавство, но можеби и не. И бидејќи станува збор за жива материја, постојано се менува, се донесуваат нови правила, нови регулативи, директиви, можеби и не сме повеќе толку усогласени. За да бидам оптимист ќе речам дека постои да се фати чекор, да стигне некаде, но би сакал да бидам малку повеќе реален и да оставам простор дека нема да биде тоа толку брзо како што некои замислуваат, вели Стојковски.
Околу тоа дека и претседателката Силјановска и спикерот Гаши имаа средба со своите бугарски колеги, а од друга страна Румен Радев вели дека нема што ново да си каже со Мицкоски, Стојковски вели дека процесот е условно кажано објективен затоа што постојат Копенхашки критериуми според кој се цени напредокот на секоја држава, меѓутоа тоа е паралелно исклучително политички процес во којшто единствено нешто што може да се гарантира е дека државата може да го диктира темпото на пристапувањето.
Околу тоа какви гаранции ние бараме од нашите меѓународни партнери, па и од Бугарија, во однос на тоа дека би се согласиле на уставни промени, внесување на Бугарите во преамбулата, но после тоа да нема нови условувања, Стојковски вели дека таква гаранција добивме.
„Имаше изјави од поранешни премиери, и од актуелниот премиер на Бугарија, дека тоа единствениот билатерален услов за почеток на преговорите. Имаше изјава и од актуелната претседателка, вклучувајќи и од претходни министри за надворешни работи, како и од актуелната министерка. Поголема гаранција од тоа не можеме да добиеме. Добивме гаранција којашто вели дека единствено нешто што треба да направиме за да ги почнеме преговорите е измената на Уставот. Ќе се вратам назад – нема гаранција за политички процес и нема гаранција за консензус, но она што ние треба да си го поставиме дома, внатре помеѓу граѓаните и владата, институциите, политичкото раководство на државата е што сакаме со оваа држава. Дали сакаме да продолжиме да се развиваме, каде е развојот којшто ние го бараме.
-Јас пораснав со тоа дека стратешки приоритети на државата се членството во НАТО и членството во ЕУ. И сега после толку години работа, залагање, постојана посветеност на пристапувањето, не гледам зошто би требало да се откажеме. Треба да расчистиме што се оние работи што сакаме да ги гарантираме – јазикот, историското минато или пак иднината. Идентитетот се гради низ грижата за културата, низ грижата за јазикот. Ако ние создаваме се повеќе дела, ако преведуваме се повеќе дела на македонски јазик, ако го промовираме јазикот, литературните дела, културното творештво или пак наследство од државава, тоа е начинот на којшто можеме да го градиме или чуваме нашиот идентитет. Не постои механизам којшто тоа може да ни го гарантира од надвор, ако ние самите не го правиме“, изјави Андреја Стојковски.
Разговорите погледнете ги во видеото