Лидерот на едното крило на Алијанса за Албанците, Зијадин Села одговори на изјавите на еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити во врска со можноста тој и неговиот политички субјект да станат дел од владата.
Села нагласи дека секоја дискусија за вклучување во извршната власт мора да се базира на јасни политички услови, подвлекувајќи дека приоритет за нив останува спроведувањето на „бадентеровиот принцип“ во Уставниот суд.
Според него, ова е неопходен чекор за гарантирање на еднаквоста и правичната застапеност, особено за немнозинските заедници во земјата. Тој додал дека без исполнување на овој услов, не може да има договор за влез во Владата, пренесуваат дел од медиумите на албански јазик во земјава.
Меџити пред неколку дена најави дека „се опипува пулсот“ со Села дали би се приклучил на Владата, односно дека се комуницира на повеќе нивоа околу оваа можност.
„Постои опција Зијадин Села да ѝ се приклучи на Владата. Вратата му е подотворена, комуницираме на различни нивоа“, кажа тој. Најави дека во рамки на претстојната реконструкција на Владата се очекуваат промени во ресорите, но и кадровски ротации.