
MyStreet нова апликација на грчката Влада за нерегуларности во јавните простори
По моделот на апликацијата MyCoast за нерегуларности на плажите, грчката Влада воведува нова апликација MyStreet за градовите, која е дигитална алатка што на граѓаните им овозможува да бидат информирани, активно да учествуваат и да придонесат за зачувување на законитоста и транспарентноста на јавните простори, јави дописничката на МИА од Атина.
По моделот на апликацијата MyCoast за нерегуларности на плажите, грчката Влада воведува нова апликација MyStreet за градовите, која е дигитална алатка што на граѓаните им овозможува да бидат информирани, активно да учествуваат и да придонесат за зачувување на законитоста и транспарентноста на јавните простори, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис претпладнево одржа состанок на кој беше презентирана новата апликација, достапна бесплатно за мобилните телефони и таблетите, преку која корисникот има пристап преку интерактивни мапи, до важни информации и функции што се однесуваат на јавните површини, пунктовите за полнење на електрични возила, како и засолништа во случај на вонредни состојби.
Поконкретно, за јавните простори прикажани се активните договори за закуп со детали за површината и времетраење на договорот.
За пунктовите за полнење на електрични возила постои мапа со достапни полначи и детали, додека пак за безбедните места за собирање, исто така на мапа се прикажани најблиските пунктови со засолниште во итни случаи.
Дополнително, апликацијата ќе се ажурира и ќе вклучува и информации за достапни паркинг места за лица со инвалидитет и пунктови каде што се поставени дефибрилатори.
Паралелно, исто како и на MyCoast за плажите, корисниците, преку апликацијата ќе имаат можност да поднесуваат пријави во случај да забележат нерегуларности како што се пречекорување на ограничувањата за поставени на маси, попречување на пристапот за лица со попреченост итн.
Грчкиот премиер посочи дека секојдневно се сведоци на многу поплаки за бизниси што се шират надвор од законските граници и ги повика граѓаните да ја преземат апликацијата, а надлежните да се обврзат дека ќе ги разгледаат сите пријави.
– Исто како што се беше со MyCoast, која воведе ред на нашите плажи, сигурен сум дека MyStreet ќе воведе ред и на нашите улици и плоштади, порача Мицотакис.
Според податоците од грчката Влада, иако денеска официјално беше промовирана апликацијата, сепак во период од 20 дена колку што е во функција, над 9.000 граѓанин ја инсталирале и веќе биле поднесени 1.273 поплаки.