
Maтурантите од Скопје државна матура ќе полагаат на УКИМ, оние од Штип – на УГД
Оваа година, матурантите кои учат во скопските средни училишта испитите од државната матура ќе ги полагаат во амфитеатри и предавалници на факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Ова се прави за да се намалат препишувањата, кои секоја година се евидентираат во голем број.
Оваа година, матурантите кои учат во скопските средни училишта испитите од државната матура ќе ги полагаат во амфитеатри и предавалници на факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Ова се прави за да се намалат препишувањата, кои секоја година се евидентираат во голем број.
Информацијата дека за прв пат годинава ќе се организира на УКИМ, за Мета ја потврди ректорката, Билјана Ангелова.
„Веќе е договорено со Министерството за образование и наука како и со Државниот испитен центар, матура да се полага на факултети при УКИМ. Ќе се користат простории на Градежниот факултет, на Архитектура, на Земјоделски факултет, на Педагошки, на Машински, на факултетот за електротехника и информациски технологии, како и на Технолошко-металуршкиот факултет. Ќе се полагаат екстерните предмети математика, мајчин јазик и странски јазици, на 31 мај и на 11 јуни. Вкупно на УКИМ ќе полагаат 1.400 средношколци“, вели Ангелова за Мета.
На веб-страницата на Државниот испитен центар има објава дека матурантите од Штип, државна матура ќе полагаат на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД).
„Средните училишта од Штип екстерните испити од државната матура ќе ги организираат на УГД. На вој начин реализацијата на државната матура ќе биде пообјективна, а и поедноставна за штипските училишта. УГД ќе го отстапи просторот на училиштата и ќе излезе во пресрет за сè што е потребно за успешно реализирање на полагањето на екстерните испити на државната матура“, наведено е во објавата.
Мета се обрати и до битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“, како и до охридскиот универзитет „Св. Апостол Павле“, со прашања, дали и кај нив годинава за прв пат ќе се организира полагање државна матура во простории на универзитетите, но одговори до објавата на овој текст не добивме.
Како ќе се организираат полагањата во помалите градови каде што бројот на матуранти е помал? На ова прашање, одговор побаравме од училиштето за средно образование „Наум Наумовски Борче“ во Пробиштип. Педагогот Јулијана Стојановска, која е вклучена во организацијата на државната матура, вели дека процесот ќе се реализира во сала во рамки на училиштето.
„Нашето училиште располага со две згради, гимназиска и геолошка, во која учат учениците од стручното образование. Со оглед на тоа дека лани полагаа во голема сала во геолошката зграда, процесот и годинава ќе го реализираме во истата сала. Таму просторот е доволно голем, а и можеме полесно да однесеме клупи и столчиња. Лани имавме 50 ученици што полагаа матура и немаше никаков проблем, па затоа и годинава нема да ги селиме учениците да полагаат на друга локација. Годинава имаме 68 матуранти, а државна матура ќе полагаат околу 62 кандидати“, информира Стојановска.
Mинатата година, матурантите полагаа во училишните холови. Овогодинешната новина да се полага во амфитеатри и во факултетски предавалници доаѓа откако секоја година се јавува проблем со препишување во деновите кога се полагаат екстерните тестови. Во 2023 година, оценувачите во текот на процесот на оценување по предметот англиски јазик од државната матура, утврдиле дека дури 3.100 ученици препишувале на испитот. Тогашната директорка на Државен испитен центар, Благица Павловска кажа дека утврдените недоследности (преписи) се откриени и санкционирани.
„Тие 3.100 ученици користеле плагијати од различни веб-страници, утврдени се преписи на есеите. Препишаните есеи им се бодувани со 0 поени. Но, тестот не е составен само од есеј, имаа и прашања на заокружување и прашања со дополнување кои, исто така, се оценуваат. Оние кои не положиле имаат право да полагаат повторно во август“, изјави тогаш Павловска за Мета.
Сепак, останува нејасно како се очекува да се намали препишувањето со полагање во големи простории, со оглед на тоа дека секоја година се евидентираат преписи на испитите, и покрај тоа што во текот на полагањата присутни се и тестатори и набљудувачи.
Во меѓувреме, многу пати се споменуваше и идејата за набавка на блокатори кои би се поставиле во училниците и кои би оневозможиле преписи, но Министерството за образование и наука засега не ги набавува уредите бидејќи се скапи.