Или нема термин или треба да се чека со недели, па и месеци. За повеќето дијагностички методи не може да се најде слободно место преку системот „Мој термин“. Така, за Колоноскопија во Скопје воопшто и не може да се закаже, има само во Тетово и тоа по 10 дена. Ректоскопии слободни нема, нема ни термини за нуклеарна медицина.
Пациентите алармираат дека и кога ќе закажат преглед се чека после пред болниците каде што нема ни правилен редослед на влегување. Дури и пациентите со приоритетен упат чекаат пред влезот за да бидат примени.
Од системот „Мој термин“ топката ја префрлаат кај здравствените институции – тие имале законска обврска да креираат термини.
Согласно Законот за здравствена заштита, лекарите од здравствените установи во Мрежата, имаат обврска да ги креираат термините за преглед во системот МојТермин, до 5ти во месецот, за следниот календарски месец, а директорот на установата треба да го одобри нивниот календар до 10ти во месецот, изјавија од Мој Термин
Сепак, оттаму не објаснуваат на што се должи ваквата ситуација, дали директорите не ги креираат термините или тие се пребукирани.
Од Министерството за здравство без конкретен одговор кога ќе се надминат проблемите односно кога ќе може да се закаже преглед во разумен рок. Оттаму велат дека работеле на зајакнување на кадарот.
Со Програмата за специјализации за 2022 година која е во тек, предвидено е зајакнување со специјалисти од повеќе области меѓу кои и педијатрија, гинекологија, анестезиологија, офталмологија, ревматологија, кардиологија, и други специјалности, изјавија од министерството
Владината програма во 2017 година предвидуваше замена на системот „Мој термин“, со друг систем, кој ќе гарантира брза и квалитетна здравствена заштита на секое ниво, со точно утврдени рокови и обврски. Во новата владина програма, во делот на здравството, не е предвидена замена на овој електронски здравствен систем.