
Mасовна хајка против уредникот на „Инфомакс“, Александар Митовски, ЗНМ ја осуди
Нападите на Митовски се поврзани со фактот дека „Инфомакс“ е остар критичар на власта, особено околу трагедијата во Кочани, барајќи одговори од оние што сега владеат и на државно и на локално ниво, посебно апострофирајќи ја полицијата. Хајката на социјалните мрежи го инкриминира Митовски дека, наводно, соработува со поранешниот премиер и лидер на СДСМ.
Откако денеска на социјалните мрежи беше пуштена снимка од улица на која се гледа како уредникот на „Инфомакс“ излегува од еден објект, а од него потоа и поранешниот премиер Зоран Заев, почна вистинска хајка против него со големи дискредитирања и закани. На снимката пишува дека е направена овие денови, а самиот Митовски во објавата на Фејсбук вели дека тоа било во „Лето господово 23/24“, сугерирајќи дека тоа е намерно измонтирано за да се поткопа неговата работа како новинар.
Нападите на Митовски се поврзани со фактот дека „Инфомакс“ е остар критичар на власта, особено околу трагедијата во Кочани, барајќи одговори од оние што сега владеат и на државно и на локално ниво, посебно апострофирајќи ја полицијата. Хајката на социјалните мрежи го инкриминира Митовски дека, наводно, соработува со поранешниот премиер и лидер на СДСМ.
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска остро реагираше на „координираната онлајн кампања на вознемирување и дискредитација насочена кон уредникот на ‘Инфомакс’, Александар Митовски“.
Во соопштението на ЗНМ се вели:
„Видео материјалот е злоупотребен со јасна намера да се креираат негативни наративи кон Митовски, кои потоа се шират преку провокатори, но и анонимни ботови, што резултира со масовна онлајн хајка, говор на омраза и повици за насилство.
ЗНМ потсетува дека секој медиумски работник има право слободно да се движи и комуницира со различни извори и личности, без страв од јавна дискредитација или притисок.
Предупредуваме дека ваквите организирани напади можат да имаат сериозни последици врз слободата на изразување и безбедноста на медиумските работници и истите можат да придонесат кон авто цензура.
Потсетуваме дека говорот на омраза и повиците за насилство на социјалните мрежи претставуваат кривично дело, за кое одговорност носат и оние што го поттикнуваат и оние што го извршуваат.
Ги повикуваме сите јавни личности, политички субјекти и корисници на социјалните мрежи на свесност и одговорност во јавниот говор, особено кога се работи за лица активни во медиумската сфера“.
Митовски се најде на удар на провладините поддржувачи и објавите од лажните профили затоа што поставува директни и прилично непријатни прашања за улогата на властите и нивната одговорност во трагедијата во Кочани. Митовски тие прашања им ги поставуваше на прес-конференции на премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.