Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес конференција изјави дека Предлог буџетот на МВР за 2023 година се зголемува за 6 % и изнесува 182,7 милиони евра.
„Без разлика на предизвиците што ги наметнува економско енергетската криза, нема да запреме со редовна исплата на платите и бонусите за полициските службеници“, истакна Ковачевски.
„Со години наназад на полициските службеници бонус платите не им биле исплаќани, зашто тие поднесуваа и тужби, а владата предводена од СДСМ ја смени таа политика и досега се исплатени заостанатите плати за 2017, 2018, 2019, 2020 и 2021 година“, истакна Ковачевски.
Тој порача дека „Секој полицаец треба да се почувствува уште повеќе ценет во општеството со подобар и поквалитетен живот налик на европските стандарди“, рече Ковачевски.
Можеме и мораме да работиме уште подинамично на реформирање на МВР, порача меѓу другото министерот Спасовски, кој се надоврза на она што го презентираше Ковачевски, издвојувајќи неколку побитни работи кои обезбедуваат развојна линија на МВР, во приоритетните области кои како раководство ги поставивме пред шест години.
Со зголемувањето за шест проценти во споредба со минатогодишниот буџет, нагласија на прес-конференцијата, е обезбедено во ставките кои овозможуваат континуитет во градењето на современа и стручна институција, заснована на законитост и понатамошен развој на демократските принципи во полициското работење, согласно европските препораки и стандарди.
Преку реализацијата на проектираниот буџет на МВР, пред нас се две основни цели, нагласи Спасовски, првата е продолжување на воспоставениот концепт: полицијата – сервис на граѓаните.
Нашата цел е продлабочување на партнерството меѓу граѓаните и полициските службеници што ќе продолжи да произведува уште поефективни резултати за безбедноста и сигурноста, за одржување на јавниот ред и мир, како и за заштита на материјалните добра на граѓаните. Како дел од проектите од кои директен бенефит ќе има заедницата е продолжување на проектот за реконструкција и изградба на полициските станици, со кој досега опфативме завидна бројка од 78 комплетно реконструирани објекти, најголем дел енергетско ефикасни, во насока на енергетски заштеди и зачувување на животната средина, рече Спасовски.
За илустрација, годинава низ неа поминале над 913.000 граѓани само за издавање на лични, патни документи и возачки дозволи. Притоа, со реализацијата на оваа реконструкција ќе се промени и концептот на функционирање во насока на нашето воспоставениот концепт – Полицијата – поблиску до граѓаните. Односно, ќе има еден отворен и полесно пристапен концепт за сите граѓани, а со тоа и побрза реализација на бараните услуги. И, секако, дел од средствата наменети за капитални проекти се планирани за изградба на Полициската станица Аеродром, што значи градба на сосема нов објект димензиониран согласно потребите на општината, при што конечно ќе се напушти сегашната барака од времен карактер во која оваа станица функционира над 22 години. И во овие три објекти ќе бидат имплементирани мерки за енергетска ефикасност, со што очекуваме актуелните заштеди на електрична енергија од 30 проценти, посочи на прес-конференцијата Спасовски.