Kомисија за заразни болести: Нема простор за паника, не очекуваме да има повеќе случаи со конго-кримска хеморагична треска

Нема простор за паника за заразата конго-кримска хеморагична треска, инцидентни појави на овој вирус во Македонија имало и ќе има, ама не сме на раб на нова епидемија.

Ова во изјава за тв Канал 5 го вели портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ. Тој појаснува дека состојбите со вирусите се следат и оценува дека епидемиолошката состојба во Македонија е стабилна.

Од Инфективната клиника пак, велат дека со оглед на заштитната опрема што ја носат не се знае како точно болничарката се заразила од сега веќе починатата 27 годишна жена од штипско што пак конго-кримска треска доби од крлеж, и појаснуваат дека нивната колешка која веќе пет дена е болна, засега е во стабилна состојба и е хоспитализирана тука.

Поради вториот случај на конго кримска треска уште единаесет лица од кои само една вработена на Инфективна, а десет од потесното семејство на болничарката се ставени под здравствен надзор, кој инаку не значи класична изолација, бидејќи овој вирус не се пренесува како короната.

Во Македонија пред околу 50 години имало епидемија на конго-кримска треска во Тетовско со 13 дијагностицирани од кои двајца починале, а еден случај бил регистриран и во 2010, но без сериозни компликации.