Kовачевски: Планот за раст и лидерскиот состанок во Скопје се јасна порака за македонска европска иднина

Премиерот Димитар Ковачевски, одржа заедничка прес- конференција со помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Џејмс О’Брајaн, по Лидерскиот состанок што се одржа во Скопје, посветен на Планот за раст на Западен Балкан, усвоен од Европската комисија.

„Денешната дискусија беше посветена на Планот за раст за Западен Балкан препознаен од сите како одлична можност за пристап до Европскиот Единствен Пазар, алатка за забрзан напредок во процесот на пристапување и исклучително значаен за економскиот развој на регионот и за постигнување европски стандарди на живот. Воедно Планот за раст е досега најсериозната политичка потврда од Европската Унија дека тие имаат конкретен план за ефикасна европска интеграција на Западен Балкан“ порача Ковачевски.

Тој рече дека „со неговата реализацијата која зависи и од ЕУ но пред се од нас, земјите од ЗБ, БДП-то по глава на жител треба да се удвои, односно од просечни шест илјади евра по глава на жител во регионот, на просечни 12 илјади евра по глава на жител во следните десет години“.

„Важно е за граѓаните да чујат дека имаме конкретен план како да ги зајакнеме нашите економии, да го подобриме животниот стандард на граѓаните, да обезбедиме стабилен и развиен регион. Важно е да чујат дека имаме конкретна поддршка на европскиот пат. Во овие клучни моменти за прогресот на регионот, а пред сè за македонската европска иднина, Европската Унија и Соединетите Американски Држави од овде, од Скопје испратија јасна порака за поддршката на ефикасната интеграција на Западен Балкан во Европската Унија“ порача македонскиот премиер.

Тој меѓудругото порача „верувам дека и во следниот мандат ќе ја продолжиме и интензивираме проевропската агенда која нашите граѓани ја очекуваат од нас. Регионот, Северна Македонија припаѓа во ЕУ и тоа е процес кој е започнат и нема да застане. ЕУ е нашата единствена алтернатива и стратешка цел. И затоа и тука, и пред вас ќе повторам – со политичка волја и напорна работа, нема недостижна цел“.