EWB: Шведскиот дипломат Андреас фон Бекерат ќе биде новиот амбасадор на ЕУ во Србија

Фон Бекерат е актуелен амбасадор на Шведска во Полска, а во текот на неговата речиси тридецениска кариера, тој имал неколку позиции во Министерството за надворешни работи во Стокхолм, како и во дипломатските мисии на земјата во странство, пишува EWB, но назначува дека тоа е се уште неофицијално.

Шведскиот дипломат Андреас фон Бекерат ќе го наследи Емануел Жиофре на позицијата шеф на Делегацијата на Европската унија во Србија, објави European Western Balkans. Фон Бекерат е актуелен амбасадор на Шведска во Полска, а во текот на неговата речиси тридецениска кариера, тој имал неколку позиции во Министерството за надворешни работи во Стокхолм, како и во дипломатските мисии на земјата во странство, пишува EWB, но назначува дека тоа е се уште неофицијално.

Андреас фон Бекерат работи во МНР на Шведска од септември 1999 година. Од 2002 до 2006 година, тој беше известувач за Европа во МНР во Стокхолм. Од август 2006 до август 2010 година, тој беше политички советник во шведската амбасада во Берлин.

Во следните години, бил заменик-шеф на шведската амбасада во Лондон. Во септември 2013 година, тој беше назначен за амбасадор на таа земја во Киев. Тој остана на позицијата амбасадор на Шведска во Украина до септември 2016 година.

Од ноември 2016 до август 2017 година, тој го раководеше Одделот за конфликти и хуманитарни прашања во Министерството за надворешни работи во Стокхолм, а потоа беше раководител на Одделот за Источна Европа и Централна Азија во истото министерство. Во октомври 2023 година, тој беше назначен за амбасадор на Шведска во Варшава, јавија српските медиуми.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска имаше проштална средба со шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Емануел Жиофре, и ги сумираше претходните резултати од соработката за време на неговиот мандат, кои, како што рече, придонеле за зајакнување на односите меѓу Србија и ЕУ, а особено разговарале за имплементацијата на проектите предвидени во Планот за раст за Западен Балкан.