„Artillery & MK Ultra” – изложба на Славица Тошевска

Во Културно Информативен Центар – Скопје вечерва ќе биде отворена изложбата „Artillery & MK Ultra” на Славица Тошевска. Изложбата ќе биде отворена до 13 октомври.

Во Културно Информативен Центар – Скопје вечерва ќе биде отворена изложбата „Artillery & MK Ultra” на Славица Тошевска. Изложбата ќе биде отворена до 13 октомври.

Авторката нха изложбата посочува дека изборот на колажот – или „колежот“ – како медиум произлегува од неговата можност за игра, судир, расклопување и повторно составување на реалноста. Во таа смисла, тој природно се поврзува со играта „Монопол“, создадена околу принципите на сопственост, капитал, акумулација и економска моќ.

-Иронијата е во тоа што „Монопол“ никогаш не ми била особено интересна игра. Никогаш не сум ја одиграла до крај. Многу почесто сум имала желба едноставно да ја превртам целата маса. Неодамна, истражувајќи го потеклото на играта, го открив податокот дека нејзината претходничка, The Landlord’s Game, била создадена од Елизабет Меги на почетокот на XX век, во време кога образованието и економската независност сè уште биле тешко достапни за многу жени. Нејзината замисла не била само забава: играта имала и критичка димензија и укажувала на последиците од концентрацијата на сопственоста и економската нееднаквост. Токму тој парадокс – критиката на еден систем подоцна да стане една од неговите најпрепознатливи игри – дополнително ја отвора темата на оваа изложба – вели таа.

Првиот нејзин „МОНОПОЛ“ настанал пред повеќе од петнаесет години. Тој е и наједноставниот во серијата, но во него веќе се присутни темите што подоцна продолжија да се развиваат: политичките одлуки, продажбата, моќта, институциите, граѓанинот и неговата позиција во една игра чии правила најчесто ги определува некој друг.Зад секоја слика, фотографија и предмет стои приказна. Социјалните медиуми, цените, текстот, грешката, хуморот, провокацијата, личното, апсурдното и понекогаш безобразното стануваат делови од ист визуелен јазик. Ништо не е случајно. Секој детал, предмет и интервенција носи свое значење. И цената на уметничкото дело станува дел од таа игра. Историјата на уметноста е полна со автори кои за време на својот живот биле отфрлани, исмевани или живееле во сиромаштија, додека нивните дела подоцна достигнувале огромни вредности на уметничкиот пазар. Тој парадокс отвора прашања за вредноста: кој ја определува, кога таа настанува и кому, на крајот, му припаѓа? Некои од делата во изложбата се лични, некои намерно остри, а други намерно апсурдни – исто како реалноста што ја документираат.

Славица Тошевска е родена во Скопје 1980 година. Студирала на графичкиот одел во Националната ликовна академија во Софија (Бугарија) и на ФЛУ – Скопје каде дипломира во 2003 година. Реализирала преку 200 Перформанси и инсталации во Ница, Сен Тропе, Кан, Корзика(Франција) Мадрид, Ибица, Палма де Мајорка (Шпанија), Монако, Израел, Малезија, Сингапур, Кина, Црна Гора,Тајланд, Атина, Сардинија, Сицилија (Италија).