Amazon ќе отпушти 10.000 луѓе оваа недела

Во текот на оваа недела, Amazon планира да отпушти околу 10.000 вработени на корпоративни и технолошки позиции, пишува The Hew York Times.

Според пишувањата на The Wall Street Journal, повикувајќи се на доверливи извори, Amazon планира да отпушти повеќе илјадници вработени, пренесе CNBC. Ова би било најголемото намалување на работна сила во историјата на компанијата и првенствено би влијаело на системот на организација во Amazon, како и на малопродажниот и на секторот за човечки ресурси, се наведува во извештајот.

Кон крајот на 2019 година Amazon пријави 798.000 вработени, а на 31 декември 2021 година извести дека има 1.6 милиони вработени со полно и скратено работно време, што е зголемување од 102%.

The New York Times наведе дека вкупниот број на отпуштања останува „флуиден“ и може да се промени. Од компанијата не ги коментираа овие тврдења.

Акциите на Amazon паднаа на берзата за околу 2,0%.

Веста пристигнува откако Meta минатата недела објави дека отпушта над 13% од вработените или над 11.000 вработени. Претходно Twitter отпушти половина од вработените по само неколку дена откако Илон Маск ја купи компанијата за 44 милијарди долари.