
Околу 50 отсто од населението е зависно од цигари, а дневно пуши во просек 18-22 цигари, што е двојно повеќе од европскиот просек, изјави министерот за здравство Азир Алиу во интервју за Телевизија 24.
Министерот посочи дека особено алармантно е што пушење се јавува и кај најмладите. Така, од 13-14 години, 7,7 отсто од младите се активни пушачи, кај возрасната група од 15-16 години таа бројка изнесува околу 37 проценти, а 40 проценти користат електронски цигари.
Алиу нагласува дека законот за заштита од пушење, кој сè уште не е донесен, не е насочен против пушачите, туку има за цел да ги заштити непушачите, кои се околу половина од населението, како и да им помогне на пушачите да се откажат од цигарите.
„Замислете човек кој работи во угостителски објект каде што се пуши внатре. Тој, без оглед дали сака или не, осум часа дневно е изложен на чад и станува пасивен пушач. Државата е одговорна да го заштити, дури и ако е само еден таков граѓанин“, изјави министерот.
Алиу дополнува дека пасивните пушачи се во ризик и можат да развијат здравствени проблеми.
„Разговарав со доктори и со колеги од различни институции. Често се случува пациенти со кардиоваскуларни заболувања да велат дека самите не се пушачи, но имаат членови на семејството кои пушат во затворени простории. Тоа покажува дека и пасивните пушачи се изложени на ризик. Нашата цел како држава е да ги заштитиме граѓаните кои не пушат“, додаде министерот.