Првата избрана жена претседател во Македонија, Гордана Силјановска Давкова има 71 година.
Таа го вториот круг на претседателските избори поддржана од ВМРО-ДПМНЕ со над 300.000 гласови гласови го победи актуелниот претседател Стево Пендаровски.
„Има ли поголема промена од таа, за прв пат во оваа држава, жена да стане претседател? Има ли поголема инспирација за умните жени? Нема. Мислам дека со мене, држете ме за збор, кога ќе се опкружам со жени слични на мене, жени по моделот на Вацлав Хавел: свои, стамени, субверзивни, кои можат да искажат став и да го бранат, тоа е за мене реформски чекор“, рече Силјановска Давкова на прес-конференција вечерта по изборите на 8 мај.
Во кампањата велеше дека придавката „Северна“ нема да ја користи, но ќе стои пред табла со новото уставно име.
Воедно, таа имаше изјавено и дека е против уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, но ако Собранието донесе таква одлука, ќе ја почитува бидејќи Собранието е уставотворен орган. Порачуваше дека треба да ги почитуваме темелните вредности на нашиот уставен поредок, а Преспанскиот договор за неа е политички и правно отворено прашање.
„Ама и во какви било односи кон надвор со држави поголеми од нас, па и со сојузи како што е ЕУ, ние вистинските европјани, имаме обврска да потсетуваме на темелните вредности, оти без нив нема ниту демократија, ниту просперитет, ниту мир. Не се оди во Европа со реторика ЕУ, НАТО, НАТО ЕУ. Не, туку со почитување на вредностите и со практикување на вредностите само ако станеме нормална, стандардна држава, ќе бидеме во рамките на ЕУ“, велеше Давкова.
Гордана Силјановска Давкова е родена на 11 мај 1953 година во Охрид. Таа е македонски универзитетски професор, правник, и собраниски пратеник во претходните четири години.
Во нејзината биографија стои дека основно и средно образование завршила во Скопје (1973). Дипломирала на Правниот факултет во Скопје (1978), каде што и магистрирала.
Докторирала пред комисија предводена од проф. Франц Град со „Cum laude“ на Правниот факултет во Љубљана, на тема „Local Selfgovernment – between Norms and Reality“ во 1994.
Била избрана за асистент по предметот политички систем на Правниот факултет во Скопје (1989), за доцент по уставно право и политички систем (1994), а потоа и за редовен професор во 2004. Била член на Уставната комисија на Собранието на РМ (1990-1992) и министер во Владата на РМ (1992-1994). Експерт за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Член на Венецијанската комисија. Автор е на стотина научни трудови за уставното право и политичкиот систем.
Силјановска Давкова за првпат влезе во политиката како предлог на ЛДП и беше министерка без ресор во првата влада на Бранко Црвенковски кој беше премиер од 1992 до 1994 година.
Во 2004 и 2005 година, беше активна во настапите против Законот за територијална организација, во 2017 година, беше гласна против Законот за употреба на јазиците, со кој албанскиот јазик стана втор службен јазик во Северна Македонија. На парламентарните избори во 2020 година, Сиљановска-Давкова беше носителка на кандидатска листа за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во првата изборна единица. Од август 2020 година досега беше пратеничка во Собранието.
Во интервју за „Трилинг“ професорката Гордана Силјановска Давкова за тоа како би одговорила на прашањето дека нема да добие поддршка од албанската заедница доколку не даде гаранции дека по изборите ќе се спроведат уставните измени.
„Кој кого условува да ве прашам? Во политиката значи, оној кој што прави влада е тој што предлага, исто така коалициски парнери. Инаку, без оглед на резултатот на изборите, Влада без албански партии не е добро решение. Кабинет на Претседател без Албанци не е добро решение. Ама со кого? Во кабинетот треба да бидат стручни и компетентни Албанци“, вели таа.
Силјановска Давкова во интервју за Трилинг пред првиот круг од претседателските избори рече дека мора „На позицииите на судии и јавни обвинители да се избираат најдобрите. Го знаете дебаклот со Судскиот совет, тој што треба да учествува во ова е фактор на криза. Мислам дека и досега можеше при секој избор и реизбор да се проверува минатото на кандидатите. Состојбата во судството ни е катастрофална. Јас сум за тоа да има реевалуација, тука мислам и на политичарите, и на професорите“.
На прашање „Како до уставни промени и внесување на Бугарите во преамбулата, ако е невозможна промена на преговарачката рамка“ таа вели „Никогаш не им приоѓам на нештата како на догма, можно е со поинаква интерпелација да се стигне до целта. Не мислам дека треба да се смени Уставот“.
Во врска со меѓуетничките односи во државата, таа смета дека „Демократија без индивидуални граѓани не може да има. Треба да се почитуваат етничките права, но не може да имаат предност пред индивудуалните права“.