Државната изборна комисија денеска издаде Уверение за избран Претседател на Република Северна Македонија, на Гордана Силјановска Давкова, која според резултатите од спроведените избори за избор на Претседател на Република Северна Македонија, одржани на 24 април и 8 мај 2024 година, беше избрана за Преседател на државата.
На седницата која ја одржа Државната изборна комисија, беше усвоен Заклучокот за конечност на резултатите од гласањето за Избор на Претседател на Република Северна Македонија, одржано на 8 мај 2024 година.
Државната изборна комисија утврди дека вкупниот број на запишани избирачи за претседателските избори кои биле запишани во Избирачкиот список изнесува 1.814.317, вкупниот број на избирачи кои гласале бил 861.218, вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња 953.121, вкупниот број на важечки ливчиња 812.899, вкупниот број на неважечки ливчиња 48.289 а процентот на избирачи кои гласале е 47.47%.
На гласањето по листите за кандидат за Претседател на Република Северна Македонија, во законски утврдениот рок, по истекот на рокот определен за приговори на постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите и објавените првични резултати, Државната изборна комисија ги објави и следните конечни резултати:
1. Стево Пендаровски, освоени 251.899 гласови
2. Гордана Сиљановска Давкова, освоени 561.000 гласови
За Претседател на Република Северна Македонија е избрана Гордана Силјановска Давкова со мнозинство гласови од избирачите кои гласале.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски и го предаде Уверението на Гордана Силјановска Давкова и од име на Комисијата и посака успешен мандат како шеф на државата.
Инаку, новоизбраната претседателка на државата, Гордана Силјановска Давкова денеска го прославува својот 71 роденден.