С. Македонија има преземено обврски кои мора да ги исполни без разлика која влада е на власт, порача претседателката на Бугарската социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова, во врска со постизборната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека ако Бугарија не е подготвена да отстапи од своите позиции, тогаш ќе чекаат нова гарнитура во Софија со која ќе може да се разговара.
– Бугарија предолго покажа трпение и добра волја. Барањето нови отстапки е неприфатливо. Антибугарската реторика и јазикот на омразата се апсолутно неприфатливи. Нема да дозволиме понижување на бугарското достоинство и оштетување на националниот интерес на Бугарија,порача лидерката на БСП, Корнелија Нинова, пренесе бугарски „Офф Њуз“.
Според Нинова, очекувањето на земјава за полноправно членство во Европската Унија може да се случи само со впишување на Бугарите во Уставот и бескомпромисно почитување на нивните права и категорично отфрлање на агресивната, антибугарска пропаганда која, како што вели, е досега поддржана на највисоко државно ниво.
Мицкоски, кажа оти партискиот став по однос на прашањето за уставните измени е јасен, но ако Бугарија не е подготвена да отстапи од своите позиции, тогаш, како што посочи, би се свртеле кон исполнување на домашната агенда и ќе чека нова гарнитура во Софија.