Маж и жена со руски пасоши приведени синоќа на „Јариње“ меѓу Србија и Косово

Маж и жена со руски пасоши се приведени синоќа на граничниот премин Јариње меѓу Србија и Косово од страна на косовската полиција, поради сомневање дека претходно влегле во земјата преку нелегални патишта.

Двете лица на преминот на косовска страна, при обидат да ја напуштат земјата, пристигнале синоќа околу 20 часот, а на полицијата ѝ дале на увид два пасоши на Руската Федерација, додека, според КП, немале визи за патување во Косово.

„На излез на граничниот премин Јариње се затекнати две лица со руски пасоши (едно машко и едно женско) кои немаа визи на Република Косово, а по проверката е утврдено дека лицата немале влез/излез во Република Косово. Според нив, истите дошле од Ниш, Србија, и завршиле на граничниот премин Јариње. Се претпоставува дека дошле по илегални патишта. По налог на обвинителот, двајцата осомничени се испратени во притвор“, се вели во соопштението.

Во врска со случајот против нив Основното обвинителство во Митровица поднело обвинителен акт со барање за депортација надвор од територијата на Косово.

„Основното обвинителство во Митровица за двете приведени лица поднесе обвинителен акт со барање за депортација надвор од територијата на Косово, поради сторено кривично дело ‘Неовластено преминување на гранични премини или гранична линија’“, изјави за медиумите портпаролот на Обвинителството во Митровица, Ваљон Претени.

На 30 септември 2022 година, Владата на Косово донесе одлука дека за сите руски државјани, вклучително и оние со дипломатски пасоши, кои сакаат да влезат, транзитираат или престојуваат во Косово, е потребна виза.

„Сите граѓани на Руската Федерација, носители на редовни, службени и дипломатски пасоши, како и оние кои имаат валидна биометриска дозвола за престој, издадена од земјите од Шенген зоната, ќе треба да добијат виза на Република Косово за транзитен влез и за престој на територијата на Косово“, изјави тогаш косовскиот премиер, Албин Курти.