Пахор: Се подготвувам многу внимателно за функцијата специјален пратеник за дијалог меѓу Белград и Приштина

Поранешниот претседател на Словенија, Борут Пахор, најави дека неговиот кабинет и Министерството за надворешни работи во Брисел најверојатно следната недела ќе ја достават неговата кандидатура за специјален пратеник за дијалог меѓу Белград и Приштина.

Во интервју за РТВ Словенија, Пахор изјави дека има голем број идеи како да се освежи или заживее дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој моментално е во застој. Смета дека Словенија, како и тој, имаат статус на „еден чесен посредник“.

Пахор рече дека за можната функција се подготвува „многу внимателно и одговорно“ и додаде дека многу му значи поддршката што ја ужива во Словенија.

За време на меѓународната конференција за Западен Балкан минатиот месец, поранешниот претседател на Словенија повторно изрази желба да ја преземе оваа позиција, а беше поддржан и од премиерот Роберт Голоб.

Пахор неодамна објави дека работи на нацртот за продолжување на дијалогот и координацијата со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, земјите-членки на ЕУ и земјите од Квинта, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија.

Специјалниот пратеник за дијалог меѓу Белград и Приштина го именува високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, но конечната одлука ја носат лидерите на ЕУ.

Специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, по завршувањето на неговиот мандат на крајот на август ќе биде именуван за амбасадор на ЕУ во Швајцарија.