Агелер: Медиумите имаат клучна улога, особено во изборниот процес

На Денот на слободата на медиумите, американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер порачува дека медиумите имаат клучна улога, особено сега во изборниот процес.

– Денес е Светски ден на слободата на медумите, а изборите ја истакнуваат клучната улога што медиумите треба и мора да ја играат во текот на процесот. Слободен и жив печат кој ги испитува фактите, соопштува идеи и предлози до јавноста и ги притиска официјалните лица да ја објаснат својата позиција за прашања кои се важни за животите на граѓаните и за одредување на текот на државата, потенцира амбасадорката Агелер во објава на платформата X.

Македонија е рангирана на 36-то место на Индексот за слобода на медиумите за 2024 година во извештајот на „Репортери без граници“, што е за две места скок во однос на 38-то место лани.

Од земјите во регионот, Македонија е најдобро оценета, по што следат Црна Гора (40), Словенија (42), Хрватска (48), Косово (75), БиХ (81), Србија (98) и Албанија (99).

– Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Понатаму, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите, стои во оценката за земјава.