Додека добар дел од светот следи што се случува на почетокот на третата година од војната меѓу Украина и Русија, во спортските кругови далеку од првите борбени линии има се поинтересни настани.
Така, сега претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, најави дека дури и неколкуте руски спортисти кои ќе дојдат на Игрите во Париз ќе мора строго да се придржуваат до одредени правила или во спротивно ќе бидат исфрлени од Игрите.
– Доколку некој од нив, каде било, не само на олимписките терени туку и надвор од нив, се види со руско знаме, ќе биде исфрлен од Олимписките игри, гласи пораката од ИОК.
Бах додаде дека е „строго забрането да се прикажува симболот Z“ (кој дел од руската армија го користи како свој знак во овој конфликт) и дека е „забрането прикажување/комуницирање какви било политички пораки“ на Игрите.
Да потсетиме, ретко кој руски спортист може да учествува на Олимписките игри „Париз 2024“, поради многу услови, како и двегодишни колективни суспензии, поради што многу натпреварувачи не можеа ниту да учествуваат во квалификациските процеси.