Одбележување на првата годишнина од трагедијата во ОУ „Владислав Рибникар“ каде ученикот Коста Кецмановиќ уби девет ученици и училишен чувар со огнено оружје, почна утрово пред тоа училиште со собир на семејствата на убиените, роднини, пријатели и граѓани.
Одбележувањето на годишнината започна во 8 часот и 40 минути со вклучување на сирените.
Во 8 часот и 41 минути медиумите во Србија престанаа да емитуваат една минута, во знак на сеќавање на загинатите во трагедијата.
Нешто по 08:00 часот почнаа да пристигнуваат родителите на убиените деца, пријатели и граѓани кои сакаат да изразат солидарност и емпатија.
Родителите запалија свеќи и оставија цвеќе пред училиштето во тишина, како и граѓаните, роднините, пријателите на убиените деца и другите ученици на „Рибникар“, кои не беа спречени од дождот што паѓа од вчера попладне да им оддадат почит на трагичните жртви.
Граѓаните и сите кои сакаат да ја одбележат годишнината од трагедијата можат да пишуваат во книгите за сеќавање во текот на целиот ден, пред влезот на училиштето, а пишувањето пораки посветени на жртвите започна рано наутро.
На влезот во училиштето беше поставена табла со слики и имиња на жртвите и датум кога се случила трагедијата, 3 мај 2023 година.
Двајца полицајци цело време стоеле пред училиштето.
Годишнината од убиството на деветте ученици и чуварот на училиштето ќе се одбележи на повеќе локации во Белград, во рамки на програмата „Будење“, па ќе се организира трибина на просторот кај споменикот на Десанка Максимовиќ на Ташмајдан, каде граѓаните ќе разговараат со претставници на Мултидисциплинарниот тим за прашањата за причините и последиците од масовните убиства што се случија на 3 мај минатата година во Рибникар и на 4 мај минатата година во селата Дубона и Мало Орашје.