Давањето преголема моќ на десничарска партија како ВМРО ДПМНЕ може да донесе само разгорување на меѓуетничките тенизии и убиство на ЕУ перспективите на државата, порача лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на вчерашниот митинг во Крушево.
Ковачевски ги повика граѓаните пред да гласаат на 8-ми мај, да се сетат кој го слушаше нивниот глас, а кој се обидуваше да ги замолчи, кој владееше демократски, а кој авторитарно.
„Не дозволувајте сејачите на магла од Белата палата на ВМРО да манипулираат дека тие владееле подобро. Кое е нивното подобро? Дали е подобро повеќе од 1,5 милијарда евра потрошени за криминалниот проект Скопје 2014 кои ние моравме да ги враќаме со еврообврзници? Дали нивното подобро се заробените медиуми, замолчените вработени во јавниот сектор, натепаните студенти? Тоа ли е нивното подобро?Тие вложуваа во жални врби, ние вложувавме и ќе продолжиме да вложуваме во вас, граѓаните“,порача Ковачевски од Крушевo.
Тој ги повика ВМРО ДПМНЕ и ДУИ да престанат да користат пароли со кои може да предизвикаат меѓуетничка нетрпеливост, само за да соберат некој политички поен повеќе.
„Не може да се нарекувате себеси европски фронт и да продавате некаква идеја за иднина во Европа, а на митинзи да немате ниту едно европско знаме и да извикувате пароли што нè враќаат повеќе од 20 години во минатото кое го имаме закопано и заборавено. Така нема во Европа.Драги мои Македонци, Албанци и сите останати етнички заедници кои живеат во Македонија, ние сме заедно со сите вас и ве повикуваме да не дозволите преку ноќ да го растуриме мултиетничкиот соживот што напорно го градиме повеќе од три децении. Ние друга држава немаме. Нашите деца тука се родени, тука треба да ја градат својата иднина“, истакна Ковачевски.
Во своето обраќање пред гаѓаните на Крушево, Ковачевски посочи дека Македонија доволно долго седеше во чекалницата на ЕУ и крајно време е државата одлучно да го продолжи патот кон Брисел. Ковачевски потенцираше дека само СДСМ и Коалицијата за европска иднина имаат сила, знаење и капацитет да ги завршат преговорите и да ја внесат државата во ЕУ.