„На билбордите на ДПМНЕ ќе видите ‘Македонија повторно твоја’. Чија беше до сега? Нели беше на сите граѓани? Или сакаат да ја направат повторно своја како во времето на Груевски, кога не тепаа по читалните, кога ги затвораа медиумите и кога ги затвораа бизнисите?“ рече претседателката на ЛДП и коносителка на листата во ИЕ1 од Коалицијата за европска иднина, Моника Зајкова на граѓанскиот митинг во Сопиште.
Таа додаде дека не може за промени да зборуваат истите луѓе, со истите наративи и дека промените може да дојдат само од нови луѓе кои немаат криминални досиеја.
„Ќе ви кажат дека ние можеме и сами, без ЕУ. Нека не ве залажуваат. Влезот во ЕУ значи гарантиран подобар животен стандард за секој граѓанин. Нас ни треба ЕУ за просечна плата од 1300 евра за граѓаните и мининмална од 800 евра. За можности за младите да развиваат бизниси дома и за повеќе пари за животната средина“ рече Зајкова.
Претседателката на ЛДП додаде дека на некои политички опоненти на Коалицијата за европска иднина, можеби и на сите, не им одговара да ја видат Македонија во ЕУ, затоа што тоа значи сигурност и одговорност.