Ванковска и Апасиев очекуваат дуел на две жени во вториот круг на изборите за претседател

Претседателот на Левица Димитар Апасиев и кандидатката за претседател Билјана Ванковска се задоволни од предизборната кампања во првиот круг и очекуваат дуел на две кандидатки во вториот круг на претседателските избори. Ова го кажаа во изјавите по отворањето на канцеларијата на Левица во Гостивар.

Билјана Ванковска искажа задоволство од текот на кампањата, која според неа поминала во, како што рече пријатна атмосфера. Таа искажа негативна оценка за текот на телевизиската дебата на сите кандидати за претседател.

– Се разбира останува разочарувањето околу она што вчера се случи во вид на т.н. претседателска дебата. Јас ја сметам за симултано интервју со седум кандидати кои немаа баш можност да си ги вкрстат аргументите. Многу прашања останаа неодговорени, рече Ванковска.

Според неа, било недолично да се разговара за теми кои се во ингеренции на владата, а да не се разговара за националната безбедност, за меѓународната безбедност, за она што врховниот командант на вооружени сили би го правел. – -Меѓутоа, се надевам дека тоа ќе остане битна тема за вториот круг претседателски избори. Се разбира, ќе се соочам веројатно со противкандидатка, ако не изненади противкандидатот, рече Ванковска.

Таа посочи дека утре Уставниот суд одлучува за претставката во врска со правилникот на ААВМУ. Според Ванковска, со него на Левица ѝ ускратено правото на платено претставување пред граѓаните. Таа оцени дека расправата и одлуката на судот се задоцнети.

Лидерот на Левица Димитар Апасиев оцени дека предизборието поминало солидно со динамична и двојна кампања. Тој смета дека Левица се зајакнува инфраструктурно и како што рече, стануваат поголеми и од ДУИ. За очекувањата од првиот круг тој напомена дека очекуваат рекорден број на гласови.

– На претседателските избори очекуваме женски дуел и професорката да влезе во вториот круг. На 8 мај очекуваме вечерта да славиме победа на фашизмот, затоа што Левица очекува да направи рекорден скор досега, односно одиме на над 120.000 гласови што би значело двоцифрен број на пратеници, потенцира Апасиев.