Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекува убедлива победа на првиот круг од претседателските избори на Гордана Силјановска Давкова и не верува дека нема да се исполни потребниот цензус во вториот круг од изборите.
Одговарајќи на прашање дали ќе недостасува цензус доколку ДУИ реши да не гласа за претседател, Мицкоски во вестите на Сител, изјави дека ДУИ не е веќе во позиција да уценува.
Коментирајќи ги нападите врз него од страна на лидерот на ДУИ Али Ахмети, Мицкоски рече дека тој (Ахмети) „одамна го има поминато рубиконот и тие неколкумина околу него кои го советуваат и дека прави голема грешка“.
„Прво создава револт кај Албанците кои не се задоволни од политиката на ДУИ, бидејќи ги злоупотребува Албанците и се обидува да наметне монопол на македонската политичка сцена. Дополнително мобилизира анти ДУИ расположение кај албанските гласачи и тие во голема мера ќе го гласаат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ и професорката Силјановска“, рече Мицкоски.
Според него, втората грешка на Ахмети, како што кажа, човекот кој се колне во условно кажано европските вредности, покажува на отворена сцена едно недолично, некултурно однесување, навредува и на сите им е јасно за каква личност во суштина станува збор.
„Жалам што на крајот од својата политичка кариера наместо идеолог тој го покажува сиот свој примитизам во полн ек, но тоа е претпоставувам негова одлука и одлука на тие што го советуваат. Трето, жалам што исто така криминалот кој го објавуваме на јавноста, а кој е поврзан со ДУИ или семејството Ахмети тој го претставува како одбрана на албанските национални интереси и пропушта шанса ако се претставува како човек кој бара право да важи, да има правдина во Македонија тогаш треба ова се да го осуди, но за жал тој не само што не осудува туку тој се претставува како голем заштитник на сето ова, криминалот на семејството Ахмети и на првенците на ДУИ. Дури и најголемиот дел од Албанците во Македонија со презир го отфрлаат и го одбиваат да го прифатат“, вели Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека кај Ахмети се создава страв и паника од резултатот и поразот кој следи на изборите.
– Чувството дека после 20 и кусур години ќе биде во опозиција, но и стравот дека кога ќе е во опозиција ќе не може да ги користи методите кои ги користеше досега ДУИ предводена од него и стравот дека наместо како идеолог како што пледира да се претстави забарикадиран во тврдина со камен ќе биде еден обичен ситен криминалец и така ќе заврши својата политичка кариера. Мислам дека млекото и кексите ќе му преседнат многу скоро, рече Мицкоски.
Во однос на уставните измени Мицкоски рече дека бугарски диктат тие не можат да прифатат. – Од друга страна ги гледаме дел од претставниците на меѓународната заедница кои велат ние сме гаранција дека ова ќе се спроведе, а ние велиме во ред од вас сме слушнале многу гаранции. Но, ајде да земеме да работиме и да бидеме конструктивни, уверете ги вие Бугарите дека тоа што е одлука на европска институција треба да се почитува, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски укажа дека внес на Бугарите во Уставот е диктат прифатен од оваа Влада укажувајќи како да се верува дека ова ќе е последно барање на патот на Mакедонија кон Европската унија.
– Ако вие не можете да ја убедите Бугарија да почитува одлуки на европски институции, а Бугарија е потписник на Конвенцијата за човекови права како да веруваме. И ако вие не сте во можност да ја убедите Бугарија како да веруваме дека ова е последно барање и дека нема да има други барања. Ние бараме еден вид гаранција дека нема да има други барања и други понижувања, кажа Мицкоски.
Според Мицкоски главно е што според Уставот права уживаат сите етнички заедници подеднакво.
-И доаѓаме до главното нашиот Устав е таков да правата на секој граѓанин без разлика на етничка припадност е загарантирана. Нашиот Устав не завршува со тоа што се почитуваат правата на наведените туку на сите. Ние многу проголтавме изминатите години, изјави Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека не ја гледа потребата за внесување на Бугарите во Уставот, бидејќи како што рече според Уставот сите припадници на заедници ги уживаат сите права.