Откако пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, денеска објави дека е обиена неговата пратеничка канцеларија во Кочани, дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев попладнево во објава на Фејсбук информира дека е пронајден сторителот што обил во канцеларијата на пратеникот.
„Во врска со случајот на разбиената пратеничка канцеларија на пратеникот Миле Лефков, би сакал да ја информирам јавноста дека МВР го расчисти случајот – сторителот е пронајден“, напиша Бојмацалиев на Фејсбук.
Претходно денеска пратеникот Лефков објави дека е обиена неговата пратеничка канцеларија за средби со граѓани во Кочани што, како што рече, се случува на последниот ден од кампањата за претседателските избори.
Говорејќи од пред полициската станица во Кочани, Лефков се обрати до Бојмацалиев, прашувајќи дали неговото непотпишување кадровските измени во ОВР Кочани било со цел, како што рече, да се сее страв пред стартот на изборите.