Носителот на ВМРО-ДПМНЕ во четвртата изборна единица, Александар Николоски упати прашање до неговиот противкандидат во истата изборна единица од редовите на СДСМ, Венко Филипче дали со докторска или министерска плата се купува ауди од 250 илјади евра и од каде пари да гради огромна хациенда на Водно?
Николоски го нарече Филипче најнеуспешниот министер за здравство во историјата на државата, и „човек кој што имаше рекордна смртност за време на пандемијата“.
По објавата на Николоски се огласи и екс-министерот за здравство, Венко Филипче кој го нарече неговиот противкандидат „кафански озборувач“.
„Политичката култура на Александар Николоски спадна на најниско ниво, но не сум изненаден од речникот. Сепак, морам да признаам дека не очекував Николоски да прерасне во кафански озборувач“, напиша Филипче.
Филипче најави и тужба против Николоски за клевета.
„Исто така, загрижувачки е што Николоски изјави дека работел од свои 14 години сакајќи да го оправда фактот што нема ниту ден стаж во реален сектор. На 14 години можеби единствено што можел да работи е лепење плакати. Што се однесува до сите лаги пласирани за наводна моја хациенда на Водно за која ДКСК има одамна одлука дека не ја поседувам, ќе добие соодветна тужба. Тужба ќе добие и за другите клевети кои ги изрече, му порача кандидатот на СДСМ на противникот од ВМРО-ДПМНЕ.