Пропадна иницијатива за разрешување на градоначалниците во северно Косово
Централната изборна комисија на Косово официјално соопшти дека не успеа иницијативата за разрешување на градоначалниците во четирите општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население, откако на денешното гласање излегоа исклучително мал број граѓани, јави дописникот на МИА од Приштина.
На прес конференција по затворањето на гласачките места во Лепосавиќ, Зубин Поток, Звечан и Северна Митровица, претседателот на ЦИК, Крешник Радониќи ги изнесе бројки на гласови во секоја општина, при што објави дека во Звечан не гласало ниту едно лице, додека во останатите три општини вкупно гласале 253 лица.
Бројот на граѓани со право на глас во процесот на гласање за или против смена на градоначалници од функциите во четирите општини е 46.556 гласачи.
-Сите 23 избирачки места беа затворени во 19 часот. Според податоците што ги добивме во овие четири општини, бројот на граѓани кои гласале во процесот на гласање за или против смена на градоначалниците од нивните функции е следниот: Лепосавиќ 124 гласачи, Зубин Поток 18 гласачи, Звечан не гласал ниту еден гласач, Северна Митровица 111 гласачи. Мнозинството запишани гласачи не гласаа, така што не беа постигнати потребните 50 отсто плус еден, поради што констатираме дека граѓанската иницијатива за смена на градоначалниците пропадна, изјави Радониќи.
Надлежните косовски инситуции, набљудувачите и медиумите објавија дека денешниот изборен процес помина без инциденти.
Во четирите општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население, денеска се одржа гласање за разрешување на градоначалниците, како услов за распишување нови локални избори во тие општини, откако минатогодишните избори косовските Срби ги бојкотираа.
За да биде успешно гласањето, требаше да гласаат најмалку 50 отсто плус еден граѓанин. Доколку се исполнеше овој услов, тогаш вонредните избори ќе се одржеа во законските рокови. Во случај на учество на помалку од 50 отсто, гласањето се смета за неуспешно и не може да се преземе друга иницијатива пред да поминат 12 месеци.
Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, но и други субјекти од оваа заедница, објавија дека нема да учествуваат на ова гласање и истото го побараа од српските граѓани од таа област.
Поранешните српски градоначалници на општините поднесоа оставки во ноември 2022 година по одлуката на Владата во Приштина за промена на српските со косовски регистарски таблички. По неколку месеци, на 23 април 2023 година, се одржаа нови избори на север, но истите беа бојкотирани од Српска листа и од српските граѓани. Тоа влијаеше на слабиот одѕив на граѓаните во гласањето и резулира со победа на кандидатите на партиите на косовските Албанци. Подоцна, по протестите на тамошните Срби поради влегувањето на новите градоначалници во општинските згради со асистенција на полицијата, на барање на меѓународната заедница, Министерството за локална самоуправа изготви административно упатство во кое се предвидуваат процедурите како да се оди на избори преку петиција. По успешната петиција се одреди датумот за гласање, меѓутоа српските политички субјекти од областа, непосредно пред него, објавија дека истото ќе го бојкотираат.