Потенцијалната забрана на Тик-ток во САД е на чекор да стане реалност бидејќи пратениците во Претставничкиот дом одобрија нацрт-закон што ја таргетира оваа социјална платформа, која заедно со широкиот пакет помош за Израел и Украина беше вчера усвоена, пренесува Си-ен-ен.
Претставничкиот дом на американскиот Конгрес со 360 гласа „за“ и 58 „против“ го усвои нацрт-законот со кој се предвидува забрана на социјалната платформа Тик-ток доколку нејзниот сопственик, кинеската матична компанија „Бајт денс“, во рок од девет месеци не го продаде сопствеништвото на американскиот пазар.
Предлог-законот усвоен од Претставничкиот дом многу наликува на претходната верзија, одобрена во март, која иницираше потенцијална забрана за употреба на Тик-ток од американските продавници за апликации.
Како што пренесува Си-ен-ен, со нацрт-законот за Тик-ток, заедно со законите за финансирање на помошта за Украина и Израел, републиканците во Домот извршиле притисок врз членовите во Сенатот да го разгледаат и усвојат целиот пакет во едно гласање.
Американските политички аналитичари очекуваат Сенатот брзо да го преземе овој пакет, со што има големи шанси за негово усвојување.
Претходно и американскиот претседател Џо Бајден рече дека ќе го потпише законот за Тик-ток, доколку тој стигне до него.
Верзијата на нацрт-законот, доколку биде потпишана, ќе му даде на Тик-ток рок од 270 дена да најде нов сопственик.
Законот, исто така, ѝ предвидува можност на Белата куќа да го продолжи тој рок за уште 90 дена, доколку претседателот утврди дека има напредок во продажбата на Тик-ток.
Тик-ток гласно се спротивстави на законот. Со недели води интензивна кампања на лобирање против ова законодавство и тврди дека со законот се кршат правата на првиот амандман на корисниците на Тик-ток и им се заканува пропаст на малите бизниси.
„Жално е што Претставничкиот дом ја користи како покритие важната странска и хуманитарна помош за уште еднаш да го протурка нацрт-законот за забрана што ќе ги погази правата на слободата на говорот на 170 милиони Американци, ќе опустоши 7 милиони бизниси и ќе затвори платформа која придонесува 24 милијарди долари за американската економија на годишно ниво“ – соопштија од Тик-ток.