„Поминаа речиси 7 години од како СДСМ ја има честа да ја води државата. И денес имаме добра можност да направиме пресек каде сме биле и до каде стигнавме. Во 2016 година минималната плата беше 9000 денари, денес е 22500. Просечната плата беше 22,500 денари, а денес е 40,000 денари. Тогаш беа потребни 4 минимални плати за една потрошувачка кошничка, а денес се потребни 2,5 минимални плати. Понатаму, пензиите од 2016 година до денес се покачени во просек за 6400 денари, а Невработеноста се намали од 25 % на 12,6 %. Капиталните инвестиции во време на ВМРО-ДПМНЕ се движеа околу 270 милиони евра, а денес во време на СДСМ се над 710 милиони евра“, потенцираше Благоја Бочварски на граѓанска средба во Штип.
Тој додаде дека со гордост може да каже дека Штип е вистински центар на истокот, град крстосница на нови модерни патишта кои го олеснуваат секојдневието, ни носат повеќе инвестиции, студенти на универзитетот и секако побезбеден сообраќај.
„Речиси 30 години немаше ниту еден голем капитален објект за градот, а денес после само 7 години имаме изграден автопат, два експресни патишта, изградивме мост на Брегалница, нова детска градинка, паркинг платформи, водоводи, тротоари, нови крстосници во населба Сењак и кај Алумина, конзоли на Отиња, намалена цена на вода за 10%.“ посочи Бочварски.
Додаде дека она на што е најмногу горд, еден од најважните проекти 4 децениската желба на штипјани, изградбата на браната на река Отиња.
„Ако некој не прашаше во 2017 дали овој проект ќе го изградиме, половина од нас не веруваа дека тоа е можно. Ние тргнавме да ја градиме во 2021 година, а денес браната е со сериозен прогрес на работите и наредната пролет ќе означиме крај на градежните работи. Овој проект го започнав не затоа што беше лесно, туку токму затоа што беше најтежок и најкомплексен проект, затоа што се работи за проект кој ја менува сликата на градот и целокупната реалност на штипјани“ истакна Бочварски.
Тој заклучи дека во наредниот мандат по завршувањето на изградбата на овој објект овде ќе се направи вистински рекреативен и туристички центар со велосипедски и пешачки патеки, содржини за најмладите и највозрасните.