„ВМРО и СДСМ веќе се обединија против барањето на Демократската унија за интеграција и Европскиот фронт изборот на претседателот да биде во Собранието, како главна точка на Платформата што лидерот Али Ахмети ја истакна во промоцијата на д-р Бујар Османи за претседател на државата“ велат денеска од ДУИ.
Оттаму ги потсетија споменатите партии дека, „како што се оствари првиот премиер Албанец, така ќе биде и првиот претседател Албанец“.
„Јавноста знае дека на почетокот ВМРО, СДСМ и нивните поддржувачи беа ПРОТИВ „премиерот Албанец“, но денес – Талат Џафери ја предводи Владата, а министри од ВМРО и СДСМ се дел од неговиот кабинет. Широката мултиетничка коалиција Европски фронт докажа дека политиките на ДУИ биле и се за целосна рамноправност на сите граѓани, без разлика на етничката и верската припадност, а главната цел останува најбрзото можно членство на Северна Македонија во Европската Унија. Ова ќе биде запечатено на 24 април со претседателот што доаѓа, д-р Бујар Османи, и на 8 мај, кога Европскиот фронт ќе биде клучот што ги отвора вратите на Владата во следниот мандат“ стои во соопштението на ДУИ.