Како што се наближува датумот за првиот круг за претседателски избори, што ќе се одржат на 24 април, на така се засилува и реториката на кандидатите за шеф на државава.
Претседателските кандидати и денеска продолжуваат со средби со граѓаните и со митинзи во повеќе населени места.
Кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Дојран, Валандово и во Гевгелија.
Максим Димитриевски, кандидат на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, ќе оствари средби со граѓани на Зелениот пазар во Скопје.
Кандидатката за претседател на Левица, Билјана Ванковска ќе има средби со граѓани во Виница.
Кандидатот на Коалицијата Вреди Арбен Таравари ќе одржи прес-конференција кај плоштадот „Скендербег“, во Скопје, додека Форумот на жени на Коалицијата Вреди ќе одржи Регионална конференција на тема „Жените во одлучувањето како квалитет на демократијата“.
Стево Пендаровски, актуелен претседател кој се трка за втор мандат, денеска ќе биде на средби со жителите на Чашка и Свети Николе, додека централниот митинг ќе го одржи во Велес.