Министерството за надворешни работи на Шпанија денеска потврди дека земјата ќе го задржи ставот кон Приштина во однос на членството во Советот на Европа, односно дека ќе биде против.
„Во однос на Комитетот на министри, каде што беше претставен ставот на Шпанија, она што можеме да го кажеме е дека Шпанија останува на својот став за Косово“, изјави шпанското министерство за „Клан Косово“.
Се наведува и дека Шпанија освен дијалог не гледа друг начин за решавање на споровите меѓу Приштина и Белград, поради што Мадрид го поддржува дијалогот со посредство на високиот претставник на Европската унија.
Делегацијата на српскиот парламент во Парламентарното собрание на Советот на Европа денеска соопшти дека српската делегација во Комисијата за правни прашања и човекови права и Комитетот за еднаквост и недискриминација гласале против предлог мислењето за членството на Косово во Советот на Европа.
ПССЕ претходно на социјалната мрежа Х објави дека Комисијата за правни прашања и човекови права „едногласно го поддржа поволниот извештај на Комисијата за политички прашања и демократија и предложи неколку амандмани за решавање на клучните прашања на Косово“.
Оттогаш таа објава е избришана и објавена е нова во која се вели дека Одборот го поддржал извештајот, но формулацијата едногласно ја испуштил.
Против членството ќе гласа и Унгарија, потврди претходно шефот на дипломатијата Петер Сијарто, а тоа го најавија и претставници на шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) на премиерот Педро Санчез и претставници на Народната партија (ПП).
Изјава за барањето на Косово на пленарната седница на ПССЕ, а врз основа на извештајот што ќе го презентира известувачот на ПССЕ за приемот во таа организација, Дора Бакојани, е закажана за утре.
Конечната одлука за прием на Косово во Советот на Европа го носи Комитетот на министри на седницата што треба да се одржи од 16 до 17 мај во Стразбур.