(Видео) Шишовски: Луѓето кај нас бараат цврсти лидери, но тоа се личности со болни нарцисоидни особини

„Многу маркери на тоа Скопје кое го знаеме исчезнуваат пред наши очи. Изградивме систем во кој има тотално хаотично неразбирање за тоа што значи капитализам. Шасијата на успешните општества е правната држава, таа не можеме да ја видиме, се коагулира во урбаното ткиво. Погледнете го Скопје, Тетово, ќе видите хаос, згради кои се натпреваруваат за сонце, тоа е недостатокот на владеење на правото“ – вели универзитетскиот професор Јордан Шишовски во најновото издание на Трилинг.

Во однос на тоа дали препознава реални и остварливи ветувања и колку вокабуларот на претседателските кандидати се вклопува со реалната потреба на граѓаните, ќе рече „Уште пред да почне кампањата, ги видовме сите билборди кои беа на најпростото ниво. Они – ние. За нив лошо, за нас добро. Го третираат народот како што се третира куче. Тој тип на реторика го покажува начинот на кој ги гледаат гласачите, многу простачки, многу ниско ниво. Целиот систем има мали барања. Се поттикнува цинизмот кај граѓаните“

„Изборот за претседател, според мене, тоа се најважните избори во нашата историја, бидејќи претседателот нема големи ингеренции, но претседателот е врховен командант на вооружените сили. Ние знаеме дека се наоѓаме во предвоена состојба и наредниот претседател ќе биде военодопски претседател“ – смета професор Шишовски.

На прашање дали по 8. мај ќе зборуваме за победа на опозицијата или за пораз на власта, вели „ќе збориме за пораз на квалитетната иднина и на достоинствениот начин на комуникација. Политичките лидери шират одредена реторика која се преточува врз граѓаните, тој однос е многу лош. Треба да се борат партиските лидери за назначување на разликите, но не преку целосно негирање на соперникот“.

„Премала земја сме за да даваме решение за светските проблеми, ние самите проблеми не можеме да си ги решиме. Што мене ме шокираше пред да започне војната, Владимир Владимирович објави есеј за историското единство на украинскиот и рускиот народ, само да се замени Украинците со Македонците, а Русите со Бугарите и ќе се добие говор на Каракачанов – тотално негирање на овој народ“ смета Шишовски.

За тоа кој владее со државава, ќе рече „системот не го заменивме со подобар систем, создадовме мафијашка држава. Добивме поредок без поредок во кој најниските категории се оние кои извираат“.

Шишовски смета дека „кај нас се уште во 30 години не успеавме да изградиме стабилна република, успевме да изградиме систем на владеење на моќните и богатите“.

Дали се се сведува на моќта и парите, вели „Генерално, да. Ние заостануваме од Словенците, Естонците, Хрватите. Албанија скокна светлосни години, а ние се движиме како желки“.

„Вистинските патриоти се оние кои креираат вредности. Идентитетот е односот кон минатото, кон поезијата. Кај нас има перформативен патриотизам“ смета професорот.

На прашање кој им верува на политичарите, тој вели „кај нас институциите се слаби, луѓето бараат цврсти лидери, но тоа се личности со болни нарцисоидни особини чија што цел е да биде вниманието свртено само кон нив“.