Ракометарките со убедлива победа го заокружија пласманот на ЕП

Најсилната женска ракометна репрезентација го завери пласманот на Европското првенство на едно коло пред крајот на квалификациите, но избраничките на Грчевски денеска покажаа дека неслучајно местото им е на завршниот турнир.

Нашите девојки со стил го заверија пласманот на континенталното натпреварување во меч во кој немаше голем императив за победа, но факт е дека сите покажаа максимално залагање и огромна желба за победа.

Македонија ја надигра Литванија и со 34:24 запиша четвртата победа во квалификациите, а триумфот е уште поважен ако се знае дека не играше Сара Ристовска.

Девојките на Грчевски ги контролираа случувањата на теренот во текот на целиот меч и беа за неколку класи подобри од ривалките, за што сведочи и двоцифрениот триумф остварен на крајот.

Ризоска и Седлоска беа најефикасни во нашиот табор со по шест постигнати гола, додека најдобра ракометарка на теренот беше Арчишевскаја од противничкиот тим која постигна дури десет погодоци.