Претседателката на Европската комисија и кандидатот на Европската народна партија на десниот центар (ЕПП) за европските избори, Урсула фон дер Лајен, вети дека ќе им се „одмазди“ на екстремно десничарските „пријатели на Путин“ во Европа кои сакаат да ја „киднапира“ иднината.
„Русија не се обидува само да ја избрише Украина од лицето на земјата. Руската агресија е поширока: таа со години презема хибридни напади врз Европа. Или преку сајбер напади или манипулација на социјалните мрежи или инструментализација на мигрантите“, рече Фон дер Лајен за време на нејзиното обраќање во Атина, каде што присуствуваше на 50-годишнината од формирањето на владејачката Нова демократија (член на ЕПП).
Таа истакна дека „пријателите на Путин во Европа“ се обидуваат „да ја препишат историјата и да ја украдат иднината, или под маската на популисти или демагози“.
Фон дер Лајен оцени дека Европа мора да ги зголеми трошоците за колективна одбрана.
„Бидејќи војната не е минато во Европа, соработката во областа на одбраната мора да биде карактеристика на иднината во Европа. И токму за тоа ќе се залагаме во оваа кампања“, рече Фон дер Лајен.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на прославата рече дека Европа нема простор за експериментирање, додавајќи дека во Грција економската криза траела подолго бидејќи „популизмот го спречил нејзиното заживување“.