Припадниците на Министерството за внатрешни работи на Србија продолжуваат со интензивните претреси на теренот на територијата на градот Бор во потрага по телото на двегодишната Данка Илиќ за чие убиство се осомничени две лица на 50-годишна возраст, а кои беа уапсени на 4 април, информираат од српското МВР.
Повеќе десетици припадници на полицијата, според РТС, со најсовремена опрема денеска ја пребаруваат Лазарева пештера, каја се наоѓа на околу три километри од селото Злот, во кое живее едниот од осомничените за убиството на Данка, а кој според сомневањата на полицијата го префрлил телото на детето од депонијата кај Бањско поле на друга локација два дена по убиството.
Потрагата и претресите, како што се наведува, се одвиваат долж Лазаревиот кањон, како и на целиот простор покрај Злотска река.
„Припадниците на Министерството за внатрешни работи ќе спроведат опсежен претрес на територијата на градот Бор со цел да го пронајдат телото на девојчето и да ги утврдат сите околности под кои таа починала“ – се вели во соопштението на српското МВР.
Во потрагата по телото на девгодишната Данка Илиќ досега детално се прегледани дворовите на соседите, околните бунари, како и голем број други локации, но засега нема информации дека е пронајдена некаква трага.
По десетдневна потрага и детални проверки на сите индиции и информации, полицијата уапси двајца мажи од Бор – Д.Д. (50) и С.Ј. (50), осомничени за убиство, кои беа спроведени на распит во Вишото јавно обвинителство Заечар.
Ним им е одредена мерка притвор до 30 дена и се товарат за кривично дело тешко убиство во соизвршителство.
Обвинителството соопшти дека Д. Д. го признал делото, додека Ј.С. се бранел со молчење.
Во меѓувреме, полицијата уапси уште две лица – таткото и братот на еден од осомничените, под сомнение дека помогнале да се пренесе телото на девојчето на засега непозната локација.