Една од првите работи што претседателскиот кандидат на ДУИ денеска од Тетово рече дека ќе ја направи како шеф на државата е формирање на регионални совети на млади кои ќе овозможат директно учество на младите од разлилни региони во дизајнирањето на државните политики
Младите со поинакво разбирање за технолошкиот развој на светот да бидат дел од дизајнот и архитекти на државните политики за иднината на луѓето, порача кандидатот на ДУИ и на коалицијата „Европски фронт“ за претседател на државата Бујар Османи.
На третиот ден од кампањата за првиот круг од претседателските избори, Османи се сретна со млади од Тетово со кои разговараше на тема „Задржување на младите во државата“, која како што рече е дел од неговата изборна програма „Декалог на европскиот претседател. Тој на средбата ја сподели својата визија за иднината, со акцент на зајакнувањето на младинските политики и нивното учество во развојот на државата., наспроти „одливот на мозоци“, односно имигрирањето на младите и образовани луѓе.
Османи на прес-конфренција по средбата рече дека како претседател на државата една од првите работи што ќе ги направи е формирање на претседателски регионални совети на млади, чија цел ќе биде младите од различните региони директно да учествуваат во дизајнирањето на државните политики.
„Ќе бидат координирани од советник на претседателот којшто ќе се посвети на политиките на млади. Мислам дека е тоа многу важно, за да се слушне гласот на младите, посебно во овој динамичен развој на светот кога без перспективата на младите не можеме да разбереме ниту можеме да го следиме драматичниот развој на светот. Податоците покажуваат дека за еден ден, денес светот се менува колку што во минатото се менуваше за десет години во минатиот век и без перспективата на младите, во разбирањето на тој драматичен развој и во дизајнирањето на политиките на тој драматичен технолошки развој, државните политики ќе бидат половични, а не сеопфатни“, рече Османи.
Кандидатот за претседател на ДУИ и на коалицијата „Европски фронт“ предлага да има фиксни квоти во пратеничките листи за младите од 18 до 27 години, како што е тоа случај со застапеноста на жените на листите.
Според Османи, станува збор за потреба која треба да ја подигне свеста на јавноста, на политиката, на општеството и на држвата дека обезбедувањето на перспектива за младите е од клучно значење.
„Како претседател ќе предложам секој трет на листата за пратеници да биде од 18 до 27 години. Во секоја комисија којашто ќе ја формира локалната власт, којашто ќе ја формираат институциите, министерствата, владата, парламентот, задолжително да има и млади до 28 години, за да уште од ембрионот на дизајнирањето на политиките ја имаме младинската перспектива. Овие канцеларии на претседателот низ регионот ќе ја вклучат младинската перспектива, уште на почетокот на дефинирање на политиките, а преку оваа обврска, институциите во секоја комисија да имаат претставник на младите“, рече Османи.