Поднесени се кривична пријава против М.И. и К.С. – полициски службеници во Полициската станица за граничен премин Долно Блаце поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в oд Кривичниот законик.
Како што соопштија од МВР, на 31.01.2024 и на 05.02.2024 првопријавениот М.И. евидентирал лица државјани на Република Турција кои не оствариле влез на граничниот премин и кои воопшто не биле присутни на граничниот премин во тие денови.
Второпријавениот К.С., раководител на смена, не извршил должен надзор врз работата на првопријавениот и на тој начин им овозможиле на лицата да го регулираат престојот во државата и покрај тоа што како странци го пречекориле дозволениот период за престој согласно законските прописи.
Одделот за внатрешна контрола ќе поднесе предлог за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе изрече задолжителни мерки именуваните да бидат отстранети од работното место и од министерството до завршување на дисциплинската постапка.