Очекувањата се дека претстојните избори ќе бидат фер и демократски без никакви притисоци и покрај вчерашната тензија меѓу претседателските кандидати на потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори, изјави денеска претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, по завршувањето на средбата на претседателите на подмладоците на политичките партии кои потпишаа Декларација за фер, слободни и демократски избори.
– Сметам дека вчерашниот настан за потпишување на Кодексот имаше тензии, меѓутоа не верувам дека ќе продолжи во таа атмосфера, затоа што главно сите услови се исполнети. Од наша страна, односно техничките услови ги преземаме согласно со законот и во согласност на етиката и моралот на сите учесници. Сметам дека ќе биде уште подобро, затоа што сметам дека ќе поминат овие детски болести на напаѓања и нефер кампања и ќе се фокусираат партиите на изборната кампања, односно претставување на програмите, откако ќе почне кампањата, рече Даштевски.
Вели на вчерашното потпишување на Кодексот, дел од претседателските кандидати имале примедби кои се однесуваат на законот за платена политичка програма и кампања, за што рече дека ДИК има законска должност да го спроведува и постапува исклучиво во согласност со законот.
– Вчера имаше примедби кои се однесуваат на законот, што не би требало да бидат адресирани до нас, затоа што ние имаме законска должност и надлежност да го почитуваме законот и така да ги псотавиме работите. Таму се зборуваше претежно за измени во законот, што е доцна и можеби ќе се добие некој политички поен, меѓутоа тие работи треба на време да си се постават, а ние постапуваме исклучиво во согласност со законот и секое непостапување според законот повлекува и одговорност. Тоа беше најмногу за онаа поделба на средствата која не се смени во законот за платена политичка програма и кампања. За таквите работи треба да се залагаат пред почнување на изборниот процес, откако ќе влеземе во изборниот процес треба сите да бидеме дискретни во тие барања, порача Даштевски.