Гир: Да се исполнат препораките од ОЛАФ, нема да се намалат средствата за Еразмус+

Амбасадорот на Европската унија во државава Дејвид Гир изјави дека нема да се намалат финансиските средства определени од Европската унија за Националната агенција за Еразмус+, како и дека програмата од која придобивки имаат младите, ќе продолжи понатаму да се имплементира.

Во одговор на новинарско прашање откако Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) побара поврат на 2,2 милиони евра од Северна Македонија злоупотребени преку програмата Еразмус+ Гир денеска рече дека очекува државава да продолжи да ги испорачува препораките дадени од ОЛАФ.

Евроамбасадорот вели дека согласно стандардните процедури не ги коментира одлуките донесени од ОЛАФ, бидејќи како што рече, тоа е тело на Европската унија за истражување измами.

– Очекуваме од страна на Националната агенција за Еразмус+ тука во Република Северна Македонија да продолжи да ги испорачува и да ги исполнува сите препораки коишто се дадени од страна на ОЛАФ. Се разбира дека ние продолжуваме да имаме доверба во работата на самата Агенција за Еразмус+ што значи дека остануваме убедени дека количеството на финансиски средства кои што се определени за Еразмус+ нема да се намалува, напротив ние сме среќни да споделуваме со вас дека Еразмус+ ќе остане да се имплементира и од неа ќе имаат придобивки младите, учениците, студентите и универзитетите во вашата земја, рече Гир, на новинарско прашање по учеството на панел-дискусијата „Разобличување на антиродовите дезинформации“.

Директорот на Националната агенција Марко Ѓоргиевски вчера на прес-конференција соопшти дека биле информирани дека постојат неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата Еразмус+ финансирани од Европската комисија. Ѓорѓиевски рече дека не може да соопшти повеќе детали, бидејќи предметот е кај Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и е во предистражната постапка.  Агенцијата,, како што рече, е отворена за соработка  и со сите нивни ресурси и документација им стои на располагање на Обвинителството што го истражува предметот и на Управата за финансиска полиција.

Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија, согласно извештајот на ОЛАФ, на 30 ноември 2023 по е-пошта пратил известување до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со барање за поврат на средствата, а овој месец Агенцијата примила известување и за конечност на одлуката. Согласно ова известување, се бара поврат на средства 2.276.212 евра кои биле доделени како грантови во периодот од 2016 до 2018 година.