Битиќи: Со влезот во ЕУ просечната плата ќе изнесува 1.300 евра
Добросостојбата на граѓаните е императив и тоа сме го докажале тоа, се во нашата програма е околу подобрување на квалитетот на животот на сите граѓаните. Но, одиме и еден чекор понатаму, што ќе се случи една година по нашиот влез во Европската унија”, рече потпретседателот на СДСМ, Фатмир Битиќи во интервју за „Слободен печат”.
Зборувајќи за изборната програма на СДСМ, потпретседателот Битиќи посочи дека во програмата е предвидено во 2028 година просечната плата да изнесува 1.100 евра, но која ќе се зголеми за дополнителни 200 евра во првата година од влезот на државата во ЕУ, односно таа ќе изнесува 1.300 евра.
„Тоа се истите анализи со кои во 2020 предвидовме дека просечната плата во 2024 ќе биде 34.000 денари. Таа денес е 40.000 денари, иако годината не е сè уште завршена. Затоа велиме дека при самиот влез во ЕУ просечната плата ќе достигне 1.300 евра. Тоа е нешто што секој граѓанин го заслужува да го добие. Разликата меѓу нас и ВМРО ДПМНЕ е што ние ветувањата ги испорачуваме во пракса”, рече Битиќи.
Тој се осврна и на предизборното ветување на СДСМ за тоа што ќе се случува со минималната плата до 2028 година и по влезот на државата во ЕУ.
„Кога зборуваме за платите велиме дека минималната плата во државата веќе во 2028 година ќе биде на ниво од 600 евра, и тоа е нешто кое сметаме дека е квантен скок, кој што ќе донесе навистина праведен и правичен и солидарен начин, на вреднување на трудот во државата. Но, притоа одиме уште еден чекор понатаму и велиме, со влезот во Европската унија, минимална плата ќе биде 800 евра”, рече Битиќи.