Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја откажа посетата на израелска делегација на Белата куќа, а како причина се наведува дека САД се откажаа од заканата за вето на гласањето во Советот за безбедност на ОН.
Нетанјаху претходно се закани дека ќе ја откаже посетата на Вашингтон што беше закажана за почетокот на оваа недела, што и го направи откако Советот за безбедност на ОН усвои резолуција со која се повикува на итен прекин на огнот во Газа. САД беа воздржани.
За време на посетата на САД требаше да се разговара за планираната израелска офанзива на Рафа.
Во соопштението од кабинетот на Нетанјаху се наведува дека САД со оваа одлука им штетат на воените напори и на обидите за ослободување на заложниците кои ги држи Хамас во Газа..
Во соопштението се оквалификува одлуката како „јасно отстапување од конзистентната позиција на САД во Советот за безбедност од почетокот на војната“ и оти таа „му дава надеж на Хамас дека меѓународниот притисок ќе им овозможи да добијат прекин на огнот без ослободување на заложниците“.
За разлика од претходно САД овојпат се воздржаа од гласање, додека остатокот од 15-члениот Совет гласаше „за“.
Советот на безбедност на Обединети нации денеска усвои резолуција со која се бара „итен прекин на огнот“ помеѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, како и безусловно ослободување на заложниците. СБ на ОН првпат по шестмесечната војна во Појасот Газа бара „итен прекин на огнот“ за време на Рамазан, што трае уште две недели.
Резолуцијата беше поднесена од десет непостојани земји-членки на СБ, меѓу кои и Алжир, Гвајана, Малта, Мозамбик, Сиера Леоне, Словенија и Швајцарија.
Во претходните обиди постојаните земји-членки на СБ на ОН ставаа вето, со што оневозможуваа усвојување на претходните резолуции за примирје во Газа.
САД досега ставија вето на три нацрт резолуции, а Русија и Кина двапати го блокираа американскиот предлог.
Во резолуцијата се нагласува и итната потреба да зголемување на хуманитарната помош и да се интензивира заштитата на цивилите во палестинската енклава.