Министерот за здравство Илир Демири денеска јавно се обврза дека ќе преземе мерки за да се утврди како е основано Здружението на антиваксери и по кој законски принцип функционира. Секоја изјава во медиумите, рече, треба да се проследи и да се види точно кој стои зад антиваксерските кампањи.
Како што најави, ако е потребно, ќе се донесат законски измени за казнување на лицата кои ќе поттикнуваат кампањи против вакцинација.
-Не знам каква е можноста законски да се атакираат тие, но ако има потреба, ќе влијаеме и во промена или додавање законски нормативи со кои ќе бидат казнети сите луѓе кои поттикнуваат некаква кампања против вакцинација, истакна Демири, одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето на Декларацијата за промоција и поддршка на вакцинацијата во Лекраската комора.
Тој и претставниците на трите лекарски комори, Лекарската, Фармацевтската и Стоматолошката, уште еднаш порачаа дека вакцините се безбедни и се една од најголемите придобивки за човештвото.