Претседателот Стево Пендаровски денеска во касарната „Народен херој Страшо Пинџур” во Петровец присуствуваше на методско показна вежба на тема „Лесен пешадиски вод во извршување на наменски задачи: патролирање, чистење на патен правец и реакција на контакт”.
Вежбата ја спроведоа околу 100 припадници на Првата пешадиска бригада на Армијата. Сценариото на вежбата опфати деминирање на патен правец при вршење на патрола и симулација на контакт со непријателски сили и нивно неутрализирање. Преку вежбата, истовремено, беше презентирана дел од новата опрема и лично вооружување на лесната пешадиска баталјонска група.
Пендаровски оцени дека успешната реализација на вежбата е уште еден показател за професионалноста, посветеноста и подготвеноста на припадниците на Армијата, како доверлив партнер во рамки на НАТО алијансата и ги реафирмираше своите заложби и очекувања за натамошна модернизацијата на Армијата и во следните години.