Бензините и дизелот поевтинуваат

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) денеска одржува седница на која треба да бидат вкалкулирани новите изменети акцизи и стапки на ДДВ и да биде донесена одлука за намалување на цените на горивата.

Новите цени, како што информираа од РКЕ, ќе важат од вечер на полноќ.

Претседателот на РКЕ – Марко Билсимовски во изјава за СДК.мк изјавил дека согласно усвоените измени на законите за ДДВ и акцизи, цената на бензините ќе се намали за 6,5 денари, а на дизелот за 9 денари.

Собранието доцна синоќа едногласно по скратена постапка ги донесе Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност и Предлогот на закон за дополнување на Законот за акцизите.

Владата, пак, врз основа на прифатените измени и дополнувања во Законот за акцизи во Собранието, донесе Одлука за определување на видот на енергенсите, временскиот период, како и начинот на пресметка на акцизата, соопшти владината прес-служба.

Со оваа одлука се овозможува да се пресметува дополнително намалување на акцизата кај безоловниот бензин, гасното масло како погонско гориво и гасното масло како гориво за греење во зависност од движењето, односно од висината на зголемувањето на цената на овие енергенти на светските берзи.